ОСНОВЦИТЕ ВЕЌЕ НЕМА ДА ОДРАБОТУВААТ ВО САБОТА, НАЈАВИ МИНИСТЕРКАТА ДЕСКОСКА

    ОСНОВЦИТЕ ВЕЌЕ НЕМА ДА ОДРАБОТУВААТ ВО САБОТА, НАЈАВИ МИНИСТЕРКАТА ДЕСКОСКАСо измените на Законот за основно образование ќе се намали и бројот на ученици во паралелките, односно досегашниот минимален праг од 24 ученици ќе се намали на 20, и бројот на ученици во една паралелка може да се движи од 20 до 30 ученици (Фото: СДК.МК)

    Бројот на наставни денови нема да биде фиксен, за да се избегне одработување на часови во саботите, предвидуваат измените и дополнувањата на Законот за основно образование, за кои денес имаше јавна расправа.

    Министерката за образование и наука Рената Дескоска кажа дека се одлучиле на ваква промена, бидејќи искуството покажало дека одработување на часови во сабота не е ефикасно. Со законските измени бројот на наставни денови во една учебна година ќе биде флексибилен и ќе се движи во рамка од 175 до 180 наставни дена, а ќе го одредува Министерството за образование со Календар на настава.

    „Новина е и утврдувањето на неработни денови за наставниците за време на зимскиот распуст на учениците, при што најмалку половина од траењето на зимскиот распуст на учениците се платени неработни денови за наставниците, што се утврдува во Календарот за организацијата и работата на основното училиште. Овие денови не се дел од годишниот одмор на наставникот и не се засметуваат во неговото траење“, рече Дескоска.

    Со законските измени ќе се забрани понижувачко постапување спрема учениците и градење на свест за казнивоста на говорот на омраза, преземање обврски заради непречено остварување на правото на образование на децата со посебни потреби и прераснување на посебните училишта во ресурсни центри.

    „Учениците од прво до трето ќе имаат најмногу до 20 наставни часа неделно, а учениците од четврто до шесто најмногу до 25 наставни часа неделно. Измените за учениците од седмо до деветто, предвидуваат најмногу до 30 наставни часа неделно. Паралелно со тоа се намалува и неделниот фонд на наставни часови за одделенските наставници и тоа од 18 до 23 наставни часови во кои влегува и времето за организирано прифаќање на учениците пред и по наставата. За предметните наставниците, кои немаат доволно часови предвидуваме можност да бидат ангажирани на одржувањето на интегрираната база на податоци, одржувањето на веб страницата, е-дневникот на училиштето и другите обврски поврзани со компјутерската работа во училиштето за што ќе добиваат 3, 6 или 8 часови во фондот на часови во зависност од бројот на ученици“, рече Дескоска.

    Таа кажа дека ќе се намали и бројот на ученици во паралелките, односно досегашниот минимален праг од 24 ученици ќе се намали на 20, и бројот на ученици во една паралелка може да се движи од 20 до 30 ученици.

    „Тенденцијата е во една паралелка да има максимум 24 ученици, но во моментов сме свесни за одредени ’пребукирани‘ училишта во Скопје, каде што има многу ученици, а нема просторни можности за помали одделенија од 30 ученици. Една комбинирана паралелка може да има најмногу до 10 ученици“, рече Дескоска.

    Таа кажа дека за учениците со посебни потреби училиштето ќе треба да обезбеди личен асистент, а децата кои се на боледување подолго од три недели да се овозможи образование во домашни услови.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира