Сите планински села на Козјак се отсечени поради снежни наноси, меѓу кои и Жегљане, Арбанашко, Дејловце, Малотино, Канарево, Бајловце, Жељувиново, Цветишница, соопшти градоначалникот на општина Младо Нагоричане, Милован Стојковски.
„Имаме повеќе кризни ситуации. Некои села особено високите планински се отсечени. Сепак општината зафаќа голема територија. Ќе побараме помош од Дирекцијата за заштита и спасување“, изјави Стојковски.
Регионалниот центар за управување со кризи – Куманово соопшти дека во општина Липково во моментов на терен работи тешка механизација, багер и сите патни правци кои се во надлежност на општината се проодни, но сообраќајот се одвива отежнато во зимски услови. До крајот на денов или најдоцна до утре изутрина се очекува да се расчисти и макадамскиот пат Липково – Глажња -Гошинце.
Во Куманово, според РЦУК, улиците се проодни, а што се однесува до селата, во текот на денот се расчистува кон Пчиња, Студена бара, Никуљски пат и приградски населби. Оттаму велат дека повторно поради наноси од снег ќе се расчистуваат патиштата кон Горно Којнаре, Долно Којнаре Четирце, Табановце, а од утре ќе се чистат патиштата кон Орашац, Скачковце, Градиште…
Од РЦУК информираа дека утре ќе се расчистува патот кон Дргоманце, Кокино и Арбанашко. Дел од селата немаат снабдување со електрична енергија, бидејќи екипите на ЕВН не можат да отидат до местото поради неисчистените патишта и да го отстранат дефектот.