Последната деценија во Македонија се регистрирани просечно околу 6.000 болнички случаи годишно поврзани со ментални и бихевиорални растројства, според класификацијата на Светската здравствена организација (СЗО) (ИЦД-10), се вели во Извештајот за ментални растројства во Македонија (2014–2023) подготвен од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Најчести дијагнози се шизофренијата и сродните растројства (26,9%), како и растројствата предизвикани од употреба на психоактивни супстанции (24,2%). Во амбулантските услуги доминираат невротските, стрес-поврзани и соматоформни растројства, кои сочинуваат над 60% од сите случаи, следени од растројствата на расположението (13,6%) и шизофренијата (6,3%).
Истражувањата спроведени по пандемијата со ковид-19 покажуваат дека младите се особено ранлива група – речиси секој трет адолесцент пријавил симптоми на депресија или анксиозност, што укажува на долготрајни психолошки последици од здравствени и социјални кризи.
Според истражувањето „Последици од ковид-19 пандемијата врз здравјето на возрасното население во Македонија“ спроведено во 2022, повеќе од една третина од испитаниците изјавиле дека доживуваат зголемен стрес, анксиозност или чувство на несигурност, а секој четврти пријавил симптоми на депресија.
Најпогодени биле жените, лицата со хронични заболувања и оние кои изгубиле близок член на семејството или работа. Пандемијата, исто така, довела до влошување на секојдневните навики, како што се нарушен сон, неправилна исхрана и намалена физичка активност, што дополнително влијаело на психолошката благосотојба. Овие наоди го нагласуваат значењето на системска психосоцијална поддршка и унапредување на здравствената писменост за справување со стрес и кризни ситуации.
„И покрај одреден напредок, пристапот до услуги за ментално здравје останува ограничен и недоволен, особено во руралните подрачја, каде што дел од здравствените установи се соочуваат со недостиг на стручен кадар и нерамномерна распределба на ресурси.
За унапредување на менталното здравје на национално ниво, потребно е јакнење на превенцијата, развивање мобилни тимови и услуги за ментално здравје на далечина (онлајн психолошка поддршка), како и вклучување на менталното здравје во сите јавни политики, од образованието и трудот до социјалната и младинската заштита“, велат од ИЈЗ.
Посебен акцент, велат, треба да се стави на програмите за ментално здравје кај децата и младите, преку вклучување на психолошка поддршка во училиштата и јакнење на стручните служби.
„Со јакнење на центрите за ментално здравје на локално ниво и создавање услови за навремена и достапна поддршка, може да се изгради средина во која менталното здравје ќе биде препознаено како приоритет и заедничка општествена одговорност“, вели Институтот за јавно здравје.
Б. НЕСТОРОСКА