Митре Питроповски, баран со меѓународна потерница за терористичко загрозување на уставниот поредок на 27 април лани во Собранието, сам се предал во затворот во Шутка.
За него, како и за останатите недостапни, кои беа или сè уште се во бегство, судија на претходна постапка веќе имал одредено мерка притвор од 30 дена. Питроповски веќе е во ќелија во истражниот затвор, потврдуваат од Основниот суд Скопје 1.
Пред десетина дена сам се предаде Александар Василевски – Нинџа, а неколку месеци пред него, Никола Митревски – Кољо, обвинети за истото кривично дело.
Овие ќе се додадат на 30-темина обвинети за крвавиот упад во Собранието на 27 април лани. Меѓу обвинетите се и петмина пратеници. 28 лица ќе одговараат за тероризам, а двајцата агенти од УБК кои ги одземаа снимките од безбедносните камери во Собранието, ќе одговараат за помагање. Обвинет е и ексдиректорот во МВР Митко Чавков и други старешини од МВР и од Агенцијата за разузнавање.
Обвинението што го поднесе Обвинителството за организиран криминал, ќе се оценува дури утре во Основниот суд Скопје 1. Седницата не е јавна.
С. К. ДЕЛЕВСКА