Првин Техничкиот факултет во Битола, а потоа и Универзитетот во Штип и Машинскиот факултет во Скопје, го откачија Основниот кривичен суд кој при бројни вештачења на обвинетите и на обвинителството, на самиот крај на судењето, побара супервештачење за сообраќајната несреќа кај Ласкарци со 16 жртви.
Во одговорот до Судот, Машинскиот факултет и Штипскиот универзитет напоменале и дека нивни вештаци веќе учествувале во вештачења на оваа сообраќајка и дека немаат толку голем број лиценцирани вештаци за да работат повторно на истиот предмет.
Судот соопшти дека за супервештачењето, кое било неопходно за затворање на доказната постапка и за донесување првостепена пресуда, факултетите испратиле известувања дека немале доволно лиценцирани вешти лица.
„По претходно изведени спротиставени вештачења на одбраната и обвинителството, а пред се за да се запази еднаквоста на оружјето кое во евентауално жалбена постапка може да биде клучно при одлучувањето на второстепениот суд, издадена е наредба за супервештачење. Но, од надлежниот Технички факултет во Битола предметот е вратен со образоложение дека лиценцираните вештаци за машинство се стручни само за енергетика и неможат да вештачат моторни возила, а другите вешти лица веќе учествувале во претходното вештачење. По добивање на известувањето, судот контактираше со Универзитетот во Штип и Машинскиот факултет во Скопје од каде исто така е известено дека тие немаат доволно лиценцирани вешти лица за сообраќајни возила, кои претходно не учествуале во изведените вештачења“, вели Основниот кривичен суд.
Овие работи на денешното судење им биле соопштени на обвинетите, обвинителот и на останатите странки во постапката, како и тоа дека предметот е веќе испратен во Бирото за судски вештачења. Од Бирото се очекува да формираат тим од лиценцирани вешти лица и да го изготват супервештачењето.
Судењето за случајот „Ласкарци“ почна во септември 2019 година, има над 100 судски рочишта досега и не може да се одглави. Го води судијката Дијана Груевска, втор судија е судијката Александра Ристеска.
Во овој долг процес обвинет е и возачот на автобусот Мануел Трифуновски, раководителот на возниот парк на „Дурмо турс“ Ремзи Мифтари и тројца вработени во станицата за технички преглед во Гостивар (Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски), како соучесници во фалсификувањето на податоците за техничката исправност на автобусот што се преврте.
Белули, одговорниот за транспорт во фирмата Мифтари и возачот на автобусот Маноел Трифуновски се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека тројцата вработени во станицата за технички преглед, за соучество во истото дело.
„Дурмо турс“ сам си вршел технички преглед на автобусите, во своја станица за технички преглед.
„Преостанува само да се изведе и супервештачењето со што доказната постапка ќе биде затворена и предметот ќе премине во фаза на завршни зборови и пресуда. Заради тоа насрочени се термини на 25 – ти јануари како и на 3,10,15,24 и 28 февруари 2022 година“, соопшти Основниот кривичен суд Скопје.
По трагедијата со автобуската несреќа во Бугарија во која загинаа 45 македонски државјани, министерот за внатрешни рабпоти Оливер Спасовски побара одговорноста да ја најдат институциите, „но не со блокирање на судската постапка како за ‘Ласкарци’ “.
С. К. ДЕЛЕВСКА