Венецијанската комисија ја избра професорката Рената Дескоска за потпретседателка.
Рената Дескоска е првиот потпретседател на Венецијанската комисија кој потекнува не само од Македонија, туку и од која било друга земја која не е членка на ЕУ, или некоја од земјите од поранешна Југославија.
Во изјава за САКАМДАКАЖАМ.МК професорката по уставно право Дескоска од Правниот факултет „Јустинијан Први“ и поранешна министерка за правда ни изјави дека нејзиниот избор поминал едногласно, поради што е особено среќна.
„Навистина сум среќна и ова го доживувам како признание за мојот досегашен ангажман во рамките на Венецијанската комисија. Во минатите неколку месеци, повеќе еминентни членови на Комисијата ми спомнаа дека сметаат оти сум соодветен кандидат за потпретседател на Комисијата. Мојот избор помина едногласно со поддршка од сите и тоа ме прави посебно среќна. Драго ми е што ќе бидам потпретседател во мандатот на новата претседателка Марта Картабија за која имам особено почитување и добра соработка и до сега“, вели новата потпретседателка на Венецијанската комисија Дескоска.
Изборот е на 145-та сесија на Комисијата која се одржува од вчера 12 декември и трае и денеска во Венеција. Избрана е и претседателка, тоа е Марта Картабија, професорка по Уставно право и поранешна министерка за правда во Италија. Покрај Дескоска, за потпретседатели на Венецијанската Комисија се избрани и Ерик Холмовик и Тимоти Оти.
Професорката Дескоска досега беше потпретседател на поткомисијата за судство, како известувач учествуваше во изработка на 14 мислења за различни земји и како претставник на Венецијанската комисија учествуваше во повеќе мисии и конференции.
Венецијанската Комисија е експертско тело на Советот на Европа во кое членуваат 61 земја, од кои 46 од Советот на Европа и 15 членки надвор од Европа. Улогата на Венецијанската Комисија е да дава правни совети на земјите членки и да помага на земјите кои сакаат да го усогласат својот правен систем со европските стандарди во областа на демократијата, човековите права и владеењето на правото.
Професорката Дескоска продолжува со студентите од Правниот факултет „Јустинијан Први“, таа со добивањето на потпретседателското место, нема да се пресели во Венеција. Таа вели дека функцијата единствено ќе бара поголем ангажман во носење на одлуки во рамките на Венецијанската комисија, меѓу две пленарни сесии.
Досега членови на Венецијанската Комисија од Македонија биле: Гордана Силјановска-Давкова, Мирјана Лазаровска-Трајковска, Тања Каракамишева-Јовановска, Борче Давитковски и др.
С. К. ДЕЛЕВСКА



