Граѓаните кои ќе се соочат со проблеми во осварувањето на здравствена, социјална заштита, со правото на нега, со судски спорови и други правни проблеми и непознаници пред институциите, ќе може своите решенија да ги побараат на новата веб страница www.pravnozajakni.mk.
Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) ја промовираше новата веб-страница www.pravnozajakni.mk каде може да се најдат многу корисни информации околу тоа со кои права располага секој граѓанин на Македонија и кои чекори треба да ги преземе ако тие се прекршени. Овде граѓаните можат да добијат правен совет за конкретни ситуации во кои се прекршени нивните права, како што се прекин на работниот однос, здравствена заштита, социјална парична помош, семејна пензија и сл. Воедно достапни се и контакти од граѓански организации чија задача е на граѓаните да им помогнат во правната битка, односно да им обезбедат бесплатна правна помош, параправна помош, стратешко застапување и др., контакти кои се од огромно значење за граѓаните, а кои претходно можеби немале каде да ги добијат.
Идејата на Фондацијата е пристапот до правда да не е секогаш поврзан со долготрајни и скапи судски процедури и до неа брзо да може да дојдат и луѓето кои не се финансиски моќни, оние кои се маргинизирани групи во општеството.
Во текот на активностите за правно зајакнување, кои опфаќаат правна писменост и помош, медијација, организирање на заедницата, водење судски постапки и други форми на застапување на граѓаните, Фондацијата се фокусира на унапредување на системските реформи кои се во интерес на ранливите групи граѓани. Иницијативата за правно зајакнување е насочена кон тоа да овозможи широка достапност на наведените услуги на национално и локално ниво, но и да обезбеди нивна финансиска одржливост.