Експресниот пат Страцин-Крива Паланка беше официјално пуштен во употреба денеска, со што патувањето од Куманово до Крива Паланка се крати од еден час на 40 минути. Овој пат почна да се гради во мај 2018 година и е дел од Коридорот 8 со должина од 25,5 километри.
Вкупната инвестиција е 93,7 милиони евра од кои 80,2 милиони евра се средства од Светска Банка, а останатите се грант средства во висина од 13,5 милиони евра. На експресниот пат има изградено три клучки, три моста, 13 вијадукти и 44 косини.
На официјалното пуштање во употреба, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски рече дека реализацијата на овој проект е резултат на тимска и координирана работа, а не резултат на само еден субјект. Трајановски додаде дека се планира и проектирање на нов експресен пат од Куманово до Страцин и изградба на клучка кај Гиновци.