САД СЕ ЧУДАТ ЗОШТО СЕ БРЗА СО ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА КРИВИЧНА ПОСТАПКА

    САД СЕ ЧУДАТ ЗОШТО СЕ БРЗА СО ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА КРИВИЧНА ПОСТАПКА

    Скопје, 30 март, 2016 (САКАМДАКАЖАМ.МК) – Американската амбасада е изненадена од брзината и од опсегот на конкретните измени на Законот за кривична постапка што се предложени за усвојување по куса постапка во Собранието, од пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

    „САД со години и помагаа на Македонија за Законот за кривична постапка, работната група имаше многу препораки. Затоа, изненадени сме од предложените измени: зошто сега, зошто се брза, зошто само овие измени?“, вели денес Амбасадата на САД на Твитер со хаштагот прашање на денот.

    Предлогот за измените на Законот по куса постапка во Собранието следеа во понеделникот веднаш по прес-конференцијата на Специјалното обвинителство за случајот „Тортура“ за апсењето на Љубе Бошкоски, како и по најавата за проширување на случајот „Титаник“, за изборни нерегуларности. И во двата случаи осомничени се високи функциониери на ВМРО-ДПМНЕ.

    Според предложените измени,  со членот 1 се врши измена на рокот во кој осомничениот има право во рок од 15 дена од приемот на известувањето на јавниот обвинител за завршување на истражната постапка да поднесе исправи или други докази, списи од дејствијата на одбраната, или да бара од јавниот обвинител да собере пределени докази. Со Предлогот на Законот се предлага овој рок да биде 90 дена. Исто така, за кривични дела од областа на организираниот криминал рокот може да биде продолжен од страна на јавниот обвинител на Република Македонија за уште шест месеци.

    Предлогот за измена на законот, што го поднесоа пратениците Светлана Јакимовска од ВМРО-ДПМНЕ и Муса Ибраими од ДУИ е во собраниска расправа.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира