Градската општа болница „8 Септември“ остана без колкови, па пациентите на кои им е потребно вградување на ваков вид протеза ги преобраќаат на Клиниката за ортопедски болести. Од менаџментот на болницата велат дека без протези останале поради напливот на пациенти и колковите што ги набавиле за цела година ги потрошиле за седум месеци.
„Пациенти со скршеници и со трауми примаме, вклучително и пациенти со скршени кокови. Само оние за кои лекарите утврдиле дека им е потребно вградување тотална протеза ги препраќаме на Клиника, оти останавме без колкови. Колена имаме, односно овие пациенти не ги препраќаме, кај нас ги оперираме“, вели проф. Д-р Сашо Стојчев.
Тој објаснува дека во тек е јавна набавка за протези на колкови, но дека целата постапка се одолговлекла, оти чекале согласност од Советот за јавни набавки.
„Како и за другите набавки како што се одолговлекува процедурата поради согласноста од Советот за јавни набавки, така и за оваа. Доколку се помине без проблеми за дваесетина дена треба да заврши набавката и да добиеме протези. Во меѓувреме пациентите не може да ги згрижиме“, вели Стојчев.
Д-р Реџеп Селмани директор на Клиниката за трауматологија, анестезија, ортопедски болести и ургентен центар, денес не беше достапен, да каже дали ги примаат пациентите на кои им треба вградување на колк, а кои им ги препраќаат од „8 Септември“. На Клиниката за ортопедски болести исто така е ограничен бројот на протези што се набавува на годишно ниво, а д-р Селмани не беше достапен да каже колку време се чека за ваква операција.