СЕЛИМ АДЕМИ И ХАНИФ ЗЕНДЕЛИ ОД СУДСКИОТ СОВЕТ ПРИЗНАЛЕ ДЕКА СЕ ПОВРЗАНИ СО АПЕЛАЦИОНИОТ СУДИЈА ЕНВЕР БЕЏЕТИ, ПРЕДЛОЖЕН ЗА РАЗРЕШУВАЊЕ ПОРАДИ ЧУВАЊЕ НА ПРЕДМЕТОТ ЗА ПРИСЛУШУВАЊЕТО

    СЕЛИМ АДЕМИ И ХАНИФ ЗЕНДЕЛИ ОД СУДСКИОТ СОВЕТ ПРИЗНАЛЕ ДЕКА СЕ ПОВРЗАНИ СО АПЕЛАЦИОНИОТ СУДИЈА ЕНВЕР БЕЏЕТИ, ПРЕДЛОЖЕН ЗА РАЗРЕШУВАЊЕ ПОРАДИ ЧУВАЊЕ НА ПРЕДМЕТОТ ЗА ПРИСЛУШУВАЊЕТОКако што дознава САКАМДАКАЖАМ.МК, Селим Адеми побарал изземање од членство во комисијата која треба да го истражи случајот и да го подготви за конечно одлучување, поради сето тоа што се случило околу разрешувањето на претседателката Весна Дамева.. (Фото: СДК.МК)

    По неколкумесечно одолговлекување на постапката за одговорност на апелациониот судија Енвер Беџети, кој го чувал 9 месеци во фиока предметот „Тврдина-Таргет“ за масовното незаконско прислушување против ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков, двајца од членовите на Судскиот совет признале дека се поврзани со него и побарале да не бидат вклучени во комисијата.

    Кога при ждребување сами си ги извлекле имињата од крошната, потпретседателот на Судскиот совет Селим Адеми и членот на Советот Ханиф Зендели, тие веднаш побарале изземање.

    Како што дознава САКАМДАКАЖАМ.МК, Адеми побарал изземање од членство во комисијата која треба да го истражи случајот и да го подготви за конечно одлучување, поради сето тоа што се случило околу разрешувањето на претседателката Весна Дамева. Во јавноста беше познато дека борбата беше да се спаси судијата Беџети, а Адеми како предводник во тој процес, одбегна да одговори пред новинарите дали ја разрешува Дамева поради судијата Беџети. Под нејзина палка, Судскиот совет на крајот на 2022 година влезе во контрола во Апелациониот суд и утврди дека незаконски го чувал во фиока предметот на Мијалков, за да застари.

    Да се изземе побарал и членот на Советот Ханиф Зендели, за кого ждребката сакала да биде претседател на комисијата. Тој кажал дека имал блиски релации со Беџети, бидејќи порано работел со него.

    Но, Зендели не побарал изземање кога претходно се бираа судии во Врховниот суд. Тој гласаше за судијата Енвер Беџети, кој тогаш не собра доволен број гласови за избор.

    Третиот член на комисијата е Дамева, со која Адеми, кој незаконски ја разреши од претседателската функција, е во постојана кавга, дури и пред ТВ-камерите. Судскиот совет треба да одлучува и за нејзино изземање, но не поради релации со Беџети, туку дека нејзиниот сопруг се јавил како оштетен во предметот „Тврдина-таргет“, каде бил жртва на незаконско прислушување.

    Селим Адеми во оваа постапка за разрешувањето на апелациониот судија Беџети, нема да има право да гласа, докрај. Зендели ќе гласа. За Дамева не се знае како ќе одлучи Судскиот совет. Во секоја постапка за разрешување, на крајот не гласа ни подносителот на иницијативата, што во случајов е членот Тања Чачарова-Илиевска.

    САКАМДАКАЖАМ.МК вчера по седницата на која Дамева кажа дека имало барања за изземање и било изгласано изземање на членови на Советот, побара официјално кои се тие членови, но за одговор бевме упатени дури денеска попладне..

    Под притисок на јавноста, по укинувањето на пресудата за „Тврдина-Таргет“, Судскиот совет влезе во Апелациониот суд Скопје во декември лани, и на почетокот на јануари Чачарова-Илиевска поднесе извештај пред Советот дека нема одговор од судијата-известител Енвер Беџети зошто 9 месеци не го давал на расправа и на одлучување. Со тоа, кажа таа, судијата создал услови овој предмет набрзо да застари.

    Шести месец како домашната, така и меѓународната јавност присутна во Македонија, чекаат Судскиот совет да поведе постапка за одговорност за судијата Беџети за застарување на предметот кој е од највисок јавен интерес досега.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира