СКОПЈЕ ТЕХНОЛОШКИ ПАРК Е ПРОЕКТ ЗА МЛАДИТЕ ДА ОСТАНУВААТ ТУКА, ВЕЛИ ОСНОВАЧОТ ИВАН ВИДАКОВИЌ

    СКОПЈЕ ТЕХНОЛОШКИ ПАРК Е ПРОЕКТ ЗА МЛАДИТЕ ДА ОСТАНУВААТ ТУКА, ВЕЛИ ОСНОВАЧОТ ИВАН ВИДАКОВИЌ„Ова е над политика. Ова е важен проект не само за Македонија, туку и за регионот“ - Иван Видаковиќ и Стив Колер на Скопскиот аеродром (Фото: К. Попов)

    Скопје технолошки парк (СТП) е иницијатива на „СТП Капитал Партнерс Холдинг“, македонска компанија основана од група компании и партнери базирани главно во САД кои што изминативе години соработуваа со македонската влада, како и со експерти и инвеститори од разновидни технолошки сектори со цел изградба на технолошки центар во близина на главниот град, кој ќе биде најголем во регионот.

    Според нивниот бизнис план, директната инвестиција од 170-240 милиони евра ќе има ефект од 1,6 милијарди евра за македонскиот БДП и за граѓаните.

    САКАМДАКАЖАМ.МК разговараше со основачот на „СТП Капитал Партнерс“ Иван Видаковиќ, кој неодамна беше во Скопје на средба во Владата со премиерот Димитар Ковачевски на разговор за добивање статус на стратешка инвестиција.

    „Имавме добра дискусија. Она што го бараме е да се подобри комуникацијата. Ако имаат прашање, ние ќе дадеме одговор само да се забрза процесот и да бидеме поефикасни. Само тоа го сакаме. Исходот од состанокот е дека тие веќе одредија експертска група која ќе го разгледа проектот. Нас ни е важно да имаме добра комуникација и ако нешто не им е јасно ние да можеме да им објасниме, да учествуваме. Тоа е клучно за нас“, вели Видаковиќ за средбата.

    Тој е Македонец по мајка и Црногорец по татко. Со семејството си заминува од поранешна Југославија поради политички притисоци и добива азил во Кипар.

    Сега вели дека сака да направи нешто добро за земјата на неговиот дедо. Тој го добил случајот за денационализација на суд, но потоа бил одбиен од Комитетот за денационализација, бидејќи не бил македонски државјанин. Потоа бил одбиен и од Уставниот суд. Останува без земјиштето во Скопје, но вели дека ја разбира државата дека сака да си го заштити својот интерес и тој тргнува по друг пат. Не го бара неговото земјиште, туку за проектот СТП да добие државно земјиште под концесија во близина.

    „Првиот контакт беше преку ‘Инвестирајте во Македонија’ во Америка. Сакав да направам нешто за земјата на мојот дедо. Јас сум прагматичен човек и човек кој бара решение. Првиот пат не беше возможно. Тоа беше време на протести, кога се менуваше власта во земјата и практично беше невозможно да се има каква било дискусија, никој не зборуваше за економија и инвестиции, па сè беше ставено во мирување. Кога се формираше нова влада, ја имавме првата средба со Зоран Заев, шест месеци откако стана премиер. Бев советуван дека е доволно да имам добар проект за да се случи нешто, но тогаш проектот беше помал, не како сега. И знаете, во меѓувреме почнаа непланирано да се случуваат убави работи. Еден добар човек носи друг добар човек, една добра компанија носи друга добра компанија, имаме добра синергија со партнерите“, вели Видаковиќ.

    Неговата идеја е да се направи нешто позитивно за младите од регионот, кои масовно си заминуваат.

    „За да го запреме тоа, мора да им понудиме нешто, подобро образование, да имаат начини да го зголемат знаењето, дипломи, подобро платени работи. Оваа генерација на млади луѓе не сака да губи време како нас. Нашата генерација е малку мазохистичка, ние остануваме, патиме, чекаме, се надеваме. Сега младите чекаат година-две и ако работите не одат како што очекуваат и ако не се задоволни од образованието, корупцијата, тие си заминуваат“, вели тој.

    За проектот СТП вели дека веќе имаат атрактивна платформа, базирана на четири столба.

    „Првиот столб е образовен центар. Имаме прелиминарен договор со Тандербирд школата за глобален менаџмент да направиме копи-пејст на нивниот кампус. Тоа е многу модерен кампус, отворен пред една година во Аризона на површина од 12 илјади квадрати. Вториот столб е сајбербезбедност. Третиот столб е Интернет на нештата (ИоТ), за што ја имаме Ансари фамилијата, многу позната во Америка. Четвртиот столб се филмски и музички студија, за што веќе имаме партнерства од Холивуд“, вели Видаковиќ.

    3Д модел на проектот Скопје технолошки парк

    Видаковиќ очекува владата да донесе одлука за статусот на стратешка инвестиција во рок од два месеца.

    „Ако ме прашувате мене, работите секогаш можат да одат побрзо, затоа и јас барав само да имаме отворена комуникација. Нашите партнери се решени и други партнери чекаат и сите се надеваат на позитивен исход брзо. Не гледам логична причина да не успееме. Сите вклучени се свесни дека е ова комплексен потфат и дека треба време, но сега решението треба да биде донесено побрзо, очекувам за два месеца. Јас им кажав: ако ми обезбедите еден аргумент зошто да не го правиме ова, ќе станам од маса, ќе признаам грешка, ќе се извинам што ви го трошам времето и ќе си заминам“, вели Видаковиќ, додавајќи дека целиот проект би можел да биде готов за 28 месеци.

    Тој има намера да разговара и со претставниците на опозицијата.

    „Ова е нешто за што и опозицијата треба да гласа. Планот ми е да се сретнам и со лидерите на опозицијата, да им го објаснам проектот, да им одговарам на прашањата пред да оди во парламентот. Ова е над политика. Ова е важен проект не само за Македонија, туку и за регионот и тоа не е само мое мислење и ако добиеме малку повеќе внимание и добра волја, можеме да направиме големи работи“, вели Видаковиќ.

    На состанокот во Владата беше и Стив Колер од „Риџ Глобал“, американска компанија која е една од водечките во светот во областа на сајбербезбедноста. Основач на „Риџ Глобал“ е Том Риџ, поранешен гувернер на Пенсилванија и прв секретар за внатрешна безбедност на САД.

    „Во нашата компанија се фокусираме на сајбербезбедноста, но таква е културата во нашата компанијата и на луѓето во компанијата што сме запознаени со вакви комплексни планови за економски развој. Овој проект резонираше со нас и основите на економската платформа, четирите столба, како и напорите на луѓето кои се вклучени ни имаат смисла. Од таа причина се вклучивме малку повеќе, дадовме сугестии од нашето искуство и од нашите слични проекти. Потоа ја разгледавме можноста да внесеме сајбербезбедност во проектот. Ние како компанија сме активни во регионот, имаме тука клиенти, имаме персонал во Грција и бевме свесни за регионот, па ова беше добро усогласување. Освен основните работи што ги обезбедува владата, ние на ова гледаме како проект кој може да биде способен да го одржи моментумот без помош од владата. Трендот на земјата е нагорна линија, во последните 10-12 години оди во вистинска насока и тоа е атрактивно за нас“, вели Колер.

    Видаковиќ вели дека тие го преземаат целиот ризик, владата не ризикува ништо.

    „Замислете, имате 5-7 илјади студенти во кампусот, како мал град, имате бизнис инкубатори и на исто место ангелски инвеститори, ИТ компании од разни сектори. Потоа имате хотели за сместување и луксузни апартмани, бидејќи зборуваме за млади луѓе со големи плати. Нашата конзервативна проценка е дека ќе донесеме 50-70 ИТ компании. Тоа е критична маса и тоа е нашиот интерес“, вели тој.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира