СЛУШНИОТ ИМПЛАНТ МИ ОВОЗМОЖИ НОРМАЛЕН ЖИВОТ, ВЕЛИ СРЕДНОШКОЛКАТА КАТЕ, ЛЕКАРИТЕ БАРААТ ПРЕГЛЕД ЗА СЛУХ КАЈ СИТЕ БЕБИЊА

    СЛУШНИОТ ИМПЛАНТ МИ ОВОЗМОЖИ НОРМАЛЕН ЖИВОТ, ВЕЛИ СРЕДНОШКОЛКАТА КАТЕ, ЛЕКАРИТЕ БАРААТ ПРЕГЛЕД ЗА СЛУХ КАЈ СИТЕ БЕБИЊАМе оперираа на петгодишна возраст во Хрватска, кога ми го вградија имплантот за слушање. Со тоа ми дадоа надеж дека ќе можам да слушам и да зборувам, вели средношколката Кате која планира да студира медицина. (Фото: К. Попов)

    Средношколката Кате, која учи за лаборант во средно-медицинското училиште „Панче Караѓозов“, е една од многуте со оштетен слух, но со вградување имплант за слух додека била дете сега има квалитетен живот.

    „Ме оперираа на петгодишна возраст во Хрватска, кога ми го вградија имплантот за слушање. Со тоа ми дадоа надеж дека ќе можам да слушам и да зборувам. На почетокот беше тешко, но ако се сака може да се постигне. Потоа почнав во прво одделение како и сите деца, а откако завршив основно се запишав и во средно. Сега сум четврта година, а потоа сакам да продолжам да студирам медицина“, вели Кате.

    Таа вели дека помошта и поддршката од околината многу ѝ помогнала, особено помошта што ја има од другарите од училиште.

    „Имам голема помош и поддршка од другарите и од основно и од средно училиште и многу сакам да им се заблагодарам. Мојата состојба ме поттикна да се запишам на медицина и сакам да им помагам и на другите луѓе. Кога ќе се запознаам со нови луѓе на повеќето им е чудно дека не зборувам многу добро, но откако ќе ме запознаат и ќе им ја кажам мојата животна приказна нештата се менуваат. Претходно, многу ми пречеше што секој пат морав да објаснувам, но сега веќе не е така. Сакам да им порачам на луѓето, без оглед на пречките со кои се соочуваат, да не се откажуваат и дека ако луѓе што имаат попреченост како мојата може да успеат, можат и тие“, вели Кате.

    „Имам среќно дете, кое зборува, се дружи, оди во градинка како и секое друго дете, благодарение на тоа што навреме му беше откриен проблемот со слухот и му беше вграден имплант“, вели скопјанката Билјана.  (Фото: К. Попов)

    Мајка ѝ Жаклина вели дека уште како малечка забележале дека Кате не слуша, но дека тогаш не им била понудена опција да ѝ вградат имплант.

    „Ја носевме на вежби, но тоа многу не помогна. По операцијата со помош на дефектолози и логопеди таа почна и да зборува“, вели Жаклина.

    Билјана од Скопје, која е мајка на шестгодишно дете со оштетен слух, има поинаква приказна. Таа вели дека проблемот со слухот лекарите го откриле уште при раѓањето.

    „Со помош на лекарите од Клиниката за уво, нос и грло, уште веднаш беа направени подготовки и го оперираа на една година. Благодарение на оваа технологија сега имам среќно дете, кое води нормален живот, одлично е прифатено во градинка“, вели Билјана.

    Лекарите од Клиниката за уво, нос и грло апелираат до родителите, ако забележат проблеми со слухот кај нивните деца уште додека се мали веднаш да ги однесат на лекар, а здравствените власти да воведат задолжителен неонатален скрининг, бидејќи колку порано се открие дека имаат проблеми со слухот и порано се вгради имплант, децата имаат поголема можност да го развијат говорот и да го научат јазикот. Тие денес за ова дискутираа на 17. Европско-Балкански конгрес за кохелерни импланти и врвни технологии на слушни помагала, кој за прв пат се оддржува во Скопје.

    Раководителката на одделот за аудиологија и отонеурологија на Клиниката за уво нос и грло д-р Марина Давчева-Чакар, вели дека е многу значајно овие импланти да се вградат кај децата во рана возраст, бидејќи колку порано се направи тоа поголеми се и можностите за развој на говорот. Таа вели дека имаат добра соработка со педијатрите од одделите за интензивна нега на предвреме родени бебиња, кои ако забележат проблеми со слухот веднаш ги препраќаат кај нив.

    Раководителката на одделот за аудиологија и отонеурологија на Клиниката за уво нос и грло д-р Марина Давчева-Чакар препорача да се воведе неонатален скрининг кај сите деца. (Фото: К.Попов)

    „Скрининг се прави кај одредени целни групи, но тоа не е доволно, бидејќи проблем со слухот имаат и деца кои не се предвреме родени. Затоа, сметаме дека треба да се воведе задолжителен неонатален скрининг кај сите деца. Првите импланти на нашата клиника беа вградени уште во 2006 година, но дури годинава благодарение на ентузијазмот на лекарите од Клиниката и разбирањето од Фондот, ни беа одобрени средства за 15 импланти“, вели д-р Давчева-Чакар.

    Хирургот од тимот за кохелерни импланти на Клиниката за уво нос и грло д-р Марија Докоска,  рече дека работат според најсовремени медицински протоколи и дека во досегашната работа имаат голема поддршка и од експерти од клиничките центри во Австрија. Хирургот од тимот на Клиниката д-р Бесим Зекири, рече родителите веднаш штом забележат некаков проблем да се јават на лекар, бидејќи многу е значајно навреме да се види каков третман е можен.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира