СОВЕТОТ ЗА ЕТИКА ВО МЕДИУМИТЕ ЛАНИ РАЗГЛЕДАЛ 96 ОД ДОБИЕНИТЕ 244 ЖАЛБИ, ПО ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИ ВО ЕДЕН ДЕН ПРИМИЛ 140 ПОПЛАКИ

    СОВЕТОТ ЗА ЕТИКА ВО МЕДИУМИТЕ ЛАНИ РАЗГЛЕДАЛ 96 ОД ДОБИЕНИТЕ 244 ЖАЛБИ, ПО ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИ ВО ЕДЕН ДЕН ПРИМИЛ 140 ПОПЛАКИОнлајн медиумите остануваат најголемите и најчести прекршители на Кодексот на новинарите (Фото: СДК.МК)

    Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) лани разгледал 96 од добиените 244 жалби и поплаки за известувањето на медиумите, а мнозинството од жалбите кои биле без основа се однесувале на трагедијата во Кочани. Бидејќи информирањето во голема мера е преместено во онлајн просторот, онлајн медиумите остануваат најголемите и најчести прекршители на Кодексот на новинарите, велат од СЕММ.

    Ако во 2024 година тренд беше поднесувањето лажни жалби во името на големи институции, лани имавме друга појава, поврзана со трагедијата во Кочани. Во еден ден по трагедијата, непосредно по погребот на жртвите, добивме преку 140 жалби. Од вкупната бројка од 145 жалби без основа за разгледување, тоа беа главно жалбите поврзани со Кочани. Тоа беше еден вид оркестриран напад не само врз СЕММ, туку и врз медиумите. Огромен дел се однесуваше на медиуми кои не се од Македонија, туку од регионот, но и телевизии од Индија кои го покриваа погребот. Голем дел од овие жалби беа испратени или од е-пошта за една употреба или од непостоечки телефонски броеви, на кои никој не одговараше на нашиот повик“, рече Билјана Георгиевска, извршната директорка на СЕММ.

    Во 96-те разгледани жалби најмногу беше прекршен првиот член од Кодексот, односно имало недостаток на извори и „втора страна“, па следуваат третиот член, кога медиумите многу често не ги објавуваат корекциите на своите грешки и десеттиот, кој се однесува на дискриминација по разни основи.

    Од овие жалби, 78 биле за интернет сајтови, 11 за печатени медиуми, шест за веб-страници на телевизии и една за телевизија, а најчести подносители биле политичари и јавни функционери.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира