Седумдесетгодишен пациент кој вчера доживеал мозочен удар е спасен на Клиниката за радиологија со нов метод, односно механичка тромбектомија на згрутчување на крвта од крвен сад во мозокот.
Тромбектомија е минимално инвазивен хируршки метод, каде со специјален стент се отстранува згрутчувањето од крвниот сад и се овозможува нормален проток на крвта.
Зафатот го изведоа тим од лекари од повеќе клиники, односно министерот за здравство Венко Филипче, кој е неврохирург, рентгенолозите Менка Лазаревска, Вјолца Алији и Петар Јаневски од Клиниката за радиологија, анестезиолозите Јасна Бушановска и Ида Теменугова од Клиниката за анестезија реанимација и интензивно лекување, невролозите Јасна Петреска и Драгана Цветковска од Клиниката за неврологија и Ана Донева од градската општа болница „8 Септември“.
Филипче вели дека со оваа интервенција, која првпат се примени во Македонија, застанавме рамо до рамо со светските медицински центри.
„Овој зафат го направивме заедно со целиот тим лекари, кој успеавме да го изведеме и благодарение на технолозите, односно сестра Лиле и технологот Вики кои веднаш дојдоа. Станува збор за многу сложена и тешка операција на крвните садови во мозокот. Операцијата е направена само на неколку часа од ударот, успеавме да го извадиме тромбот и да го спасиме пациентот. Овие таканаречени ’удари‘ често се фатални за пациентите и досега во Македонија не е извршен ваков зафат“, вели Филипче.