Операционите сали и хируршкото одделение во болницата во Струга се затворени, бидејќи од мали сипаници се разболеле здравствени работници, а пациентите ќе ги препраќаат во најблиските болници. Ваква одлука донела вчера комисијата за интрахоспитални инфекции во болницата, а утрово бил известен Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ).
Директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Ирина Сотирова-Бухова вели дека утрово добиле усна информација и дека во следните денови очекуваат и писмена информација. Таа вели дека во оваа болница, како и во останатите јавни и приватни здравствени установи веќе почнале со процес на вакцинација на здравствените работници.
„Таму веќе е почнат процес на вакцинација и интернистите и гинеколозите веќе се вакцинираа, односно две третини од здравствените работници се вакцинирани. И во другите здравствени установи тече вакцинацијата на здравствените работници, и кога ќе заврши целиот процес, доколку некој од здравствените работници одбие да се вакцинира, Инспекторатот може да преземе казнени марки против директорот и против тој што одбива да се вакцинира“, вели директорката Сотирова-Бухова.
Таа нагласи дека сите здравствени работници треба да ја почитуваат наредбата од Министерството за здравство и да се вакцинираат, а ако не се сигурни во својот вакцинален статус да проверат и да се вакцинираат.
Началникот на хируршкото одделение во болницата во Струга Владимир Кочовски, за телевизијата „Алсат М“ изјавил дека вчера одлучиле да го затворат хируршкото одделение и пациентите да се препраќаат во најблиските болници, бидејќи скоро половина од медицинскиот персонал се разболел од мали сипаници и дека практично не може да функционираат.
Директорот на струшката болница Реџеп Даути, пак, вели дека не е точно оти има болни лекари, туку средномедицински персонал и дека не е точно дека се разболеле половина од вработените на хирургија.
„Од лекарите само двајца се разболеа и тие се веќе вратени на работа, а од средномедицинскиот пресонал имаме десетина болни. Сега работи само амбулантата“, вели Даути.
До ДЗСИ изминатата недела стигнале меѓу 300 и 400 пријави од здравствените домови дека родители одбиваат да ги вакцинираат децата, но податоците биле некомплетни.
„Утрово, за дел ни стигнаа комплетни податоци и кога ќе ги комплетираме сите полека ќе ги викаме родителите на порамнување. Доколку казната за невакцинирање на детето ја платат во првата недела таа е половина од пропишаната казна, ако не ќе одиме со прекршочна пријава. Но, сметам дека тоа ќе се влечка цело лето, бидејќи почнува сезона на одмори и засега не можам да кажам како ќе се одвива“, вели Сотирова-Бухова.
Е. БОЧВАРОСКА