„ЦРНО СЕМЕ“ И „ЦРНИЛА“ СЕ УЧАТ КАКО ЛЕКТИРИ ВО ЧЕТВРТА ГОДИНА СРЕДНО И ВО ГИМНАЗИИТЕ И ВО СТРУЧНИТЕ ШКОЛИ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА БИРОТО ЗА РАЗВОЈ НА ОБРАЗОВАНИЕ

    „ЦРНО СЕМЕ“ И „ЦРНИЛА“ СЕ УЧАТ КАКО ЛЕКТИРИ ВО ЧЕТВРТА ГОДИНА СРЕДНО И ВО ГИМНАЗИИТЕ И ВО СТРУЧНИТЕ ШКОЛИ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА БИРОТО ЗА РАЗВОЈ НА ОБРАЗОВАНИЕМатурантите од гимназиите, на пример, веќе ги добиле на список „Црно семе“ и „Црнила“ за обработка на лектири во учебната година 2023/2024 година. (Фото: СДК.МК)

    Македонскиот роман „Црно семе“ од Ташко Георгиевски не е отстранет од наставната програма во средните училишта, туку уште од 2019 година е на лектирниот список за учениците и од гимназиското и средното стручно образование, со цел да се изедначат програмите, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК Зеќирија Хасипи, директор на Бирото за развој на образование (БРО).

    На социјалните мрежи денеска се шири паника врз основа на непроверена информација дека „Црно семе“ од Георгиевски и „Црнила“ од Коле Чашуле, значајни дела од македонската литература, веќе не се дел од наставната програма за четврта година средно школо. Според коментарите на мрежите, ова „отстранување“ беше поврзано со историските прашања на Македонија со Грција и со Бугарија.  Овие информации се неточни.

    Факт е дека матурантите од гимназиите, на пример, веќе ги добиле на список „Црно семе“ и „Црнила“ за обработка на лектири во учебната година 2023/2024 година.

    Хасипи вели дека наставната програма за општообразовниот наставен предмет Македонски јазик и литература за четиригодишното стручно образование е донесена од министерот за образование и наука во 2019 година (Арбер Адеми н. з.). Согласно реформите во стручното образование, оваа наставна програма беше реализирана учебната 2021/22 година во шест средни училишта, а од учебната 2022/23 година во сите средни стручни училишта.

    „Така, делото ‘Црно семе’ не е содржано во наставната програма уште од 2019 година, туку делото е планирано и поместено во лектирниот список, којшто се изедначува со лектирниот список за учениците од гимназиско образование. Останатите поместувања во наставната програма се направени врз анализа и потреба во новата наставна програма да се внесат дела и на други етаблирани автори кои се дел од македонската современа литература создавана во последните две децении. Учениците во четврта година се среќаваат со дела од современата литература и во неа се застепени македонските автори Дуковски, Насев, Чашуле, Стефановски.
    Со оглед на тоа што одредени дела (како што е ‘Црно семе’) третираат историски прашања, тие се обработуваат како задолжителни четива, во рамки на часовите предвидени за обработка на лектири“, појаснува Хасипи.

    Директорот додава дека комисиите за изработка на наставните програми, составени од универзитетски професори, наставници и советници од Бирото за развој на образованието стручно, професионално и посветено одговараат на предизвиците со кои се соочуваат во развојот на наставните програми усогласувајќи ги со интересот на учениците на „новото време“, како и со потребните компетенции коишто треба да ги стекнат учениците изучувајќи го македонскиот јазик и литература.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира