Република Македонија планира да издаде нова еврообврзница и веќе побарала понуди од комерцијалните банки, јавува агенцијата Ројтерс повикувајќи се на два извора на информирање.
Изворите на Ројтерс не кажуваат во која валута се бара задолжувањето, но се претпоставува дека станува збор за евра.
Македонската агенција Мета потсетува дека во 2014 година Владата на тогашниот премиер Никола Груевски издаде еврообврзница во износ од 500 милиони евра. Минатата година Владата повторно сакаше да издаде еврообврзница на истиот износ, на што се спротивстави тогашниот дополнителен заменик-министер за финансии од опозицијата, Кире Наумов, при што износот беше намален на 270 милиони евра.
Македонија е рангирана ББ според „Стандард и Пуорс“ и ББ+ според „Фич“, јавува Ројтерс.