ВЛАДИМИР ТОДОРОВИЌ И СОПРУГАТА СЕ СПОГОДИЈА СО ОБВИНИТЕЛСТВОТО И ДОБИЈА УСЛОВНИ КАЗНИ ЗА ЛАЖНО СВЕДОЧЕЊЕ

    ВЛАДИМИР ТОДОРОВИЌ И СОПРУГАТА СЕ СПОГОДИЈА СО ОБВИНИТЕЛСТВОТО И ДОБИЈА УСЛОВНИ КАЗНИ ЗА ЛАЖНО СВЕДОЧЕЊЕТодоровиќ доби условна казна затвор од две години, додека неговата сопруга шест месеци. (Фото: Фејсбук)

    Поранешниот градоначалник на Општина Центар Владимир Тодоровиќ и неговата сопруга се спогодија со Скопското обвинителство и добија условни казни затвор, објави БИРН.

    Двајцата беа обвинети во врска со лажното сведочење на Тодоровиќ на судењето за предметот „Талир“, во кој Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Илија Димовски, Леко Ристовски и Елизабета Чингаровска се обвинети за незаконско стекнување на пет милиони евра за ВМРО-ДПМНЕ, кои потоа ги испрале преку уплатници со ист ракопис што ги пополнувале во име на партиски членови, без нивно знаење.

    Тодоровиќ доби условна казна затвор од две години, додека неговата сопруга шест месеци. Тодоровиќ беше обвинет за делото давање лажен исказ, за кое е предвидена казна од минимум 4 години затвор, додека за делото попречување на правдата за кое беше обвинета неговата сопруга, казната е од една до 5 години затвор.

    На судењето за „Талир“, на крајот на 2020 година меѓу бројните бизнисмени кои сведочеа како од Груевски во Владата им биле вршени притисоци за пари, беше и Тодоровиќ. На судењето, Тодоровиќ го смени исказот даден во истрагата.

    Во истрагата, сведокот Тодоровиќ тврдел дека бил викнат во Владата и таму во негово присуство на друг сведок му се заканувале дека мора да искешира десетици илјади евра за партијата. На судскиот процес тој даде различна изјава, дека во една релаксирана атмосфера другиот сведок бил прашан дали има и во рамки на можностите да донира за партијата. Обвинителката во „Талир“ Ленче Ристоска воочила дека изјавата пред суд под заклетва, е суштински различна од таа во истрагата, во однос на постоењето на кривичното дело во обвинението во точка 1 за „Талир“ за притисоци врз бизнисмени, што им се става на товар на обвинетите.

    Сопругата на Тодоровиќ пак, за да обезбеди поткрепа на неговиот лажен исказ даден пред судијата Осман Шабани во Основниот кривичен суд, се досетила да дојде до другиот сведок на заканите во Влада. Ја нашла всушност неговата сопруга и во рака ѝ дала лист хартија на која напишала што да прочита маж ѝ пред судијата Шабани.

    На листот обвинетата напишала:„Кажи дека не ти се заканувале!“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира