Место да одиме напред, ние во политичката комуникација но и во збогатувањето на јазикот одиме назад, беше констатирано на научниот собир на тема Мерење на политички штетни наративи, на Институтот за комуникациски студии (ИКС). Сè помасовна е употребата на неологизми односно новосздадени зборови или изрази, штетни наративи. Овие штетни наративи се со цел поткопување на довербата, напади на личности, пристрасно селектирање и дезинформации и медиумите го пренесуваат тоа.
Јорданка Черепналкова-Трајкоска од Институтот за комуникациски студии (ИКС), една од авторките на монографијата „Наративна стапица: откривање на штетните наративи кај политичарите и медиумите“, кажа дека за да се изработи таа, следена е не само работата на новинарите, туку и на комуникацијата на политичарите.
„Станува загрижувачки кога политичарите користат наративи со кои манипулираат и предизвикуваат многу штетни последици како поделба во општеството и слично. Што се кажува во политичката комуникација, автентично се пренесува од новинарите. Како да нема филтер, како да исчезна”, кажа таа Черепналкова-Трајкоска.
Теа Коневска од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при УКИМ, за комуниколошкиот пристап на политичарите кажа дека тие нивни измислени наративи за да мобилизираат, потоа се шират во секојдневната употребата на публиката, граѓаните. Тие обично одат со наративи за измислени непријатели. Се воведуваат и неологизми, нови измислени зборови кои се добредојдени, но според Коневска, но мора да се се контролираат. Може да бидат штетни и опасни. Се шират штетните политички неологизми кои се користат во негативен контекст за политичките противници и нивните поддржувачи.
Политички партии кои користат негативни политички неологизми се: ВМРО-ДПМНЕ, Демократско движење, Левица и СДСМ. Најголем број штетни неологизми се кажани за Талат Џафери како командант во УЧК, министер за одбрана и претседател на Собранието.
По азбучен ред, 14 неологизми користи ВМРО-ДПМНЕ: „канцер-мафија“ е најчесто користен штетен неологизам. Насочени се кон ДУИ и СДСМ, за оцрнување на политичкиот противник и дека тие се спасителите на народот. Левица има 25 неологизми. Демократското движење користи 4 неологизми само кон ДУИ. СДСМ има само два штетни неологизма, а најкористен е „ВМРО-МВРО“.
Власта користи повеќе штетни неологизми, како да е во опозиција.
Професорката Симона Груевска-Маџоска од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, се осврна и на одговорноста на медиумите кои не само што пренесуваат штетен наратив и говор на омраза, туку и го развиваат тоа во текстови и прилози. Не се прави разлика кога некој не аргументира за својата изборна програма на пример, а само вреѓа и мрази. На пример, „северџан“ со алузија на придавката Северна. Па „северџан“, „северџанистан“ и други иновативности со навредлива конотација.
Професорката ги анализираше и неологизмите: „соросоид“, „артаноиден“, „вмроид“, како тренд на формирање зборови со -оид кај нас и соседните држави со цел етикетирање на луѓето што работеле на пример во фондацијата „Сорос”, заради етикетирање, навредување и омаловажување.
„Стотици години наназад се учело како се дебатира. Ние овде место да одиме напред, одиме назад“, кажа професорката Груевска-Маџовска.
Јордана Шемко од Парламентрниот институт, кажа дека што се однесува до штетните неологизми на албански јазик искажани од политичарите, најголемиот број од нив се формираат во Албанија, а многу помалку во Косово и во Македонија. Кај нас највеќе се упатени кон ДУИ, која е нарекувана „криминална партија“ за Соравија, Лотарија итн.
Коавторката Елеонора Серафимовска од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања зборуваше за психолошкиот отпечаток што го оставаат штетните искажани зборови, наративи, односно што значи постојаната изложеност на луѓето на зборови силен емоционален набој.
Анализирани се јавните настапи и објави на политичарите на социјалните мрежи, 9 телевизии, 11 онлајн медиуми.
С. К. ДЕЛЕВСКА