Во присуство на цел безбедносен сектор, на чело со директорите на АНБ и на ОТА, денеска во Собранието беше промовирана заштитената соба, т.н. глува соба, направена од материјали кои спречуваат неовластено следење и прислушување.
Во собата ќе се влегува само со највисок безбедносен сертификат кој што ќе мора да го поседуваат пратениците и сите кои би влегувале внатре, како директори на безбедносни институции, министри и членови на Советот за безбедност, затоа што со оглед на тоа што е единствена соба од највисока безбедносна заштита, ќе имаат право да ја користат и други безбедносни институции со дозвола на претседателот на Собранието.
Оваа просторија e практично на членовите на собраниските комисии кои ќе ја следат работата на разузнавачките агенции, но внатре ќе може да влезат и други пратеници, како и поранешни членови на овие агенции кои имаат сертификат, потреба за да преслушаат материјал.
Тоа значи дека ништо нема да изнесува како материјал, сè останува во архивата. Не смее ни пенкало, ни ливче да се изнесе, кои што пратениците ќе ги добиваат на влез, а нема да ги внесуваат своите однадвор.
Таму ќе може само да се преслуша материјал во аудиоформа, снимање не е дозволено. Тие што ќе работат во собата, вода ќе може да добијат само одвнатре, а кафе и други пијалоци и храна нема да бидат дозволени.
Просторијата нема тоалет, затоа што во Црна Гора е сфатено како безбедносен пропуст, преку канализацијата. Ваква сигурносна соба со заштитни материјали како кај нашата и со највисок степен на звучна изолација има само во Словенија, рекоа на промоцијата..
Тешката сигурносна врата на „глувата соба“ се наоѓа спроти влезот на собранискиот ресторан.
Во претставувањето на перформансите на заштитената соба, не беше споменато дали член на овие комисии – пратеник или директор дојден однадвор, може да вклучи мобилен и одвнатре да снима.
Оваа соба е во согласност на стандардите на НАТО и на ЕУ и е изградена во рамки на Програмата за реформи во разузнавачкиот и безбедносниот сектор.
Ја изгради ДЦАФ-Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор.
Оваа безбедносна соба се градеше долго време претходно.
С. К. ДЕЛЕВСКА