Генералниот застапник за Мерцедес-Бенз и Мицубиши во Македонија, „Мак Аутостар“ инвестира над 10 милиони евра во изградба на нов деловен објект во Општина Гази Баба и почетокот на изградбата официјално беше означен со поставување на темелите во присуство на претставници на инвеститорот, градоначалникот на општината Тони Трајковски и заменик германскиот амбасадор Марко Акватичи.
Проектот е на архитектонското студио „Ајвар“ од Скопје. Објектот со својот изглед претставува уникатно, современо архитектонско решение, и ќе се гради според најновите градежни стандарди. Деловниот објект кој ќе го носи името Премиум деловен центар ќе се простира на седум спрата, со вкупна корисна површина од 12.000 м2 и подземен на три нивоа паркинг простор од 5.000 м2.
Во план е објектот да биде завршен до крајот на 2017 година.
„Оваа инвестиција е со планирана вредност од над 10 милиони евра и навистина сме среќни што ќе бидеме во можност да им обезбедиме на фирмите-идни корисници на деловен простор во Премиум центарот модерно опкружување со високи стандарди, соодветен паркинг простор опремен и со полначи за електрични возила и дополнителни содржини како современ фитнес центар и кафетерија-ресторан со уникатен панорамски поглед“, изјави генералниот директор на фирмата инвеститор, „Мак Аутостар“, Зоран Марковски.
Објектот се наоѓа непосредно пред салонот на Мерцедес и дел ќе биде наменет за сопствени потреби на „Мак Аутостар“, а поголем дел за изнајмување на деловен простор на фирми кои имаат потреба од современ начин на водење на бизнисот во Македонија.