ЖЕНИ ТРПАТ СИЛНИ БОЛКИ МИСЛЕЈЌИ ДЕКА СЕ МЕНСТРУАЛНИ БЕЗ ДА ЗНААТ ДЕКА ИМААТ ЕНДОМЕТРИОЗА, ПРЕДУПРЕДИ АСОЦИЈАЦИЈАТА НА ГИНЕКОЛОЗИTE

    ЖЕНИ ТРПАТ СИЛНИ БОЛКИ МИСЛЕЈЌИ ДЕКА СЕ МЕНСТРУАЛНИ БЕЗ ДА ЗНААТ ДЕКА ИМААТ ЕНДОМЕТРИОЗА, ПРЕДУПРЕДИ АСОЦИЈАЦИЈАТА НА ГИНЕКОЛОЗИTEГинеколозите велат дека силната болка никогаш не треба да се игнорира. (Фото: СДК.МК)

    Сè уште постои голема дијагностичка празнина во просек од 8 до 12 години помеѓу почетокот на симптомите и поставувањето сигурна дијагноза за ендометриоза, а дури 30 до 50 проценти од жените кои се борат со неплодност ја имаат, предупреди Македонска асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО). Ендометриозата е присуство на ткиво слично на ендометриумот (кое ја обложува внатрешноста на матката) надвор од матката. Од МАГО март го одбележуваат со активности посветени на подигање на свеста за симптомите од ендометриоза заради рана дијагноза.

    Од МАГО велат дека некои жени и девојки немаат никакви симптоми или ги сметаат како обична менструална болка, а други чувствуваат силна карлична болка која значително го намалува квалитет на нивниот живот и ја ограничува нивната нормална секојдневна активност.

    „Точната преваленца на ендометриозата е непозната, но се проценува дека од 2 до 10 % од општата женска популација, или моментално најмалку 190 милиони жени и девојки во репропродуктивна возраст кои се погодени од ендометриоза имаат потреба да се реши оваа загатка. Ендометриозата предизвикува хронична воспалителна реакција што резултира со болка“, вели МАГО.

    Одложената дијагноза често е резултат на тоа што не се бара помош порано и што се нормализира хроничната менструална болка. Жените, а особено помладите девојките, се условени да трпат менструални болки во тишина. Гинеколозите посочуваат дека силната болка никогаш не треба да се игнорира.

    „Ендометриозата е хормонски зависна и симптомите може да бидат полоши во одредени периоди од менструалниот циклус, особено непосредно пред и за време на менструалните крварења. Ендометриозата, влијае и на плодноста и создава загриженоста за можна неплодност на пациентките – дури 30 до 50% од жени кои се борат со неплодност имаат ендометриоза“, вели МАГО.

    Во изминативе дваесет и пет години се објавени над 4.500 статии за ендометриза, но здравствените работници уште не се сигурни што точно ја предизвикува. Најверојатно е резултат од комбинација на повеќе фактори, што ја отежнува превенцијата.

    Ендометриозата често се влошува ако не се лекува, а терапевтските опции се движат од подобрување на симптомите на хронична болка со помош на антиинфламаторни лекови и хормонска супресија, до хируршко отстранување на ендометриозните жаришта.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира