Обвителството за гонење организиран криминал и корупција (ЈОГОКК) вели дека ја разбило криминалната група „Беланоца-Барон“, контрагрупа на „Дуќанчик-Арачиново/Грчец“. Ја разбило и таа на Раде Трајковски-Штекли, кој со многубројна мрежа од продавачи снабдувал кафеани и клубови со кокаин и марихуана, а кој бил и во добри врски со убијците од „Беланоца“.
Обвинителството за „Беланоца“ ќе поднесе сложено обвинение за злосторничко здружување, изнуда, разбојништва и други тешки кривични дела против членовите на групата, кои убиствата, палењата објекти, коли, изнудите ги нарачувале и од затвор.
Обвинетите од озлогласената група „Беланоца“ убиле и човек и зашто ги предал обвинетите за масакрот на петтемина мажи кај Смиљковско Езеро во Скопје во април 2012. Ова беше неколку пати повторено на денешниот брифинг во ОЈОГОКК, со оглед на тоа што случајот „Монструм“ е еден од национално најчувствителните предмети досега. Петте жртви беа свирепо убиени на Велики четврток на брегот на Смиљковското Езеро, без причина.
Обвинети од „Беланоца“ сметале дека тој граѓанин ги предал, всушност, избеганите во Косово Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, прецизираа од Обвинителството, откаде дополнија дека не е утврдено и не може веќе да се утврди дали тоа е вистина.
Во масакрот кај Смилковско Езеро беа убиени четирите момчиња Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски и 45-годишниот Борче Стевковски од Црешево.
За двајца од осудените на доживотни казни затвор Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, сè уште има потерници и барање за екстрадиција од Косово. Тие се осудени за тероризам. На доживотен затвор е осуден и Агим Исмаиловиќ, а за помагање беа осудени Хаки Азири на девет години затвор и Фејзи Азири на 15 години затвор.
Според Обвинителството, за „Беланоца-Барон“ обвинение има против девет лица, шест се во бегство.
„Најстарото убиство е од 2014 година. Првата група нарачува и извршува со логистика четири убиства, од кои едното е двојно убиство. Мотивите се различни. Тие се по порачка, поради ниски побуди. Познати се ‘Шиша бар’ и убиството во Ханиоти“, рекоа од Обвинителството.
Втората група (која нема назив) има три убиства. Три лица се во бегство. Едно лице е преживеано и ги препознава и посочува овие две лица. При следењето на комуникациите, било договорено и неговото убиство.
„Ако чекавме, ќе имаше натамошни страшни последици“, рекоа на денешниот брифинг обвинителите.
Овие структури се навлезени насекаде, па тие дознаваа и со кои полициски возила се следени.
„Координирани се и од затвор, што е посебен пораз за нашиот систем. Патем, палат млади лица, за одреден паричен надомест“, вели ОЈО за гонење организиран криминал и корупција.
Поднесено е обвинение против 9 обвинети, од кои во бегство 7, еден фатен вчера. По тие 6 се трага. Плус е проширена истрагата за 4 лица. Двајца од нив се извршители на ново убиство.
„Сите се во притвор, освен едно лице кое призна изнуда и пуштено е со висока гаранција. Не е член на злосторничкото здружување“, рекоа од Обвинителството.
За Раде Штекли поднесено е друго обвинение за 10 лица .
Една година биле под посебни истражни мерки. Кај нив е најдена дрога. Ја криеле на градилиште, на државен имот.
„Без уредите донирани од Американската амбасада, ние немаше да ги спроведеме дел од посебните истражни мерки и којзнае дали ќе ги соберевме овие докази“, рече раководството на Обвинителството.
С. К. ДЕЛЕВСКА