Водата во Крива Река е сериозно загадена и претставува опасност по животот и здравјето на луѓето, покажале резултатите на мострите земени на 15 март, ден по еколошката катастрофа во рудникот Тораница, кои се направени во акредитирана лабораторија во Скопје.
Градоначалникот на Крива Паланка Сашко Митовски, на денешната прес-конференција кажа дека покрај зголемените концентрации на штетни материи, во водата има зголемено присуство на тешки метали.
„Според ова лабораториско истражување, концентрацијата на олово е зголемено за неверојатни 10 пати. Дополнително за неколку стотици пати е зголемена концентрацијата на цијаниди, фосфор и азот во Крива Река. Она што можеби е најстрашно е што како резултат на ова загадување загрозена е и почвата по текот на овие реки, но и земјоделските насади кои се наводнуваат од оваа вода. Во ризик е ставен и сточниот фонд кој исто така се напојува од овие две реки со што пак индиректно се става во опасност и животот и здравјето на луѓето кои ќе конзумираат од овие земјоделски или сточарски производи“, кажа Митовски.
Тој најави дека Oпштина Крива Паланка ќе бара и кривична одговорност, и го повика Јавниот Обвинител итно да преземе мерки за санкционирање на компанијата која стопанисува со рудникот, за што се предвидува казна затвор од четири до десет години.
Градоначалникот го обвини Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) дека не постапил по своите законски надлежности, не реагирал навреме и направил сериозен пропуст во инспекцискиот надзор, бидејќи по хаваријата не земал примерок за испитување на квалитетот на водата во Крива Река, туку при првата контрола кажале дека се излеала технолошка вода.
„Апелираме до сите надлежни институции да ги изведат пред одговорност и надлежните во Државниот инспекторат за животна средина, но и пратеникот Емил Спасовски кои со своите шпекулации и неаргументирани ставови на социјалните мрежи, но и во медиумите пласираа опасни информации дека не се работи за загадување, без притоа да знаат или да имаат соодветно испитување на водата, пред да ја стават во опасност јавноста со лажно тврдење дека водата е безбедна.Сметаме дека со ова тие директно ги довеле граѓаните кои ја користат оваа вода во опасност од труење или други компликации по нивното здравје“, кажа Митовски .
Во соопштението на ДИЖС објавено на 14 март стои дека во 6:30 часот дошло до пукање на главниот цевковод за технолошка вода во должина околу 6 метри. Со овој цевковод се снабдува со технолошка вода погонот Флотација, a ги зафаќа јамските води и дел од Тораничка река. При пукање на цевката со димензии Ф-350, и поради големиот притисок кој доаѓа од големата висинска разлика, водата се излеала низ индустрискиот круг и во делот кај главниот влез во рудникот, се влеала во Тораничка река каде дошло до заматување на истата, по што како така заматена вода се влеала во Крива Река.
„Од одговорното лице сме известени дека јамската вода која се користи како технолошка е механички заматена од работните активности во јамските простории односно движење на јамската механизација, движење на работниците во просториите и други работни активности. Околу 15.00 часот е заменета целосно цевката, со што е отстранета опасноста од понатамошно неконтролирано излевање на јамска вода“, пишува на страницата на ДИЖС.
Во денешното соопштение, пак, стои дека на 14 март дошло до пукање на главниот цевковод за јамска отпадна вода која во својот состав содржи суспендирани материи, минерални масла, метали (олово, цинк, кадниум, манган, арсен и друго), во должина од околу 6 метри, кој е дел од постоен систем за зафаќање и таложење на јамска отпадна вода при што истекувањето е сопрено во 07.00 часот. Со овој цевковод се зафаќаат јамски отпадни води кои дел одат во погонот флотација како технолошка вода во процес на производство, а дел се одведени во јаловиште.
Фирмата „БУЛМАК 2016“ од Пробиштип подружница Рудник Тораница, Крива Паланка денеска е казнета со 200.000 евра од Министерството за животна средина, поради прекршок од трета категорија, откако на 24.03.2025 година, Државниот инспекторат за животна средина вчера извршил вонреден инспекциски надзор.
Градоначалникот кажа дека во моментот се прават анализи и за квалитетот на водата за пиење на Крива Паланка, но се надева дека не е доведена во опасност водата на градскиот водовод.
Крива река во близина на Куманово се влева во Пчиња, а потоа и во Вардар.
С. НИКОЛИЌ