ЛИЧЕНОСКИ СИ НОСЕЛ СУВЕНИРИ ОД СИТЕ ПАТУВАЊА, КУЌАТА-МУЗЕЈ ЌЕ БИДЕ ЛИЦЕ НА НЕГОВИОТ ЖИВОТ И ДЕЛО, ВЕЛИ КОНЗЕРВАТОРКАТА КОВАЧОВСКА

    ЛИЧЕНОСКИ СИ НОСЕЛ СУВЕНИРИ ОД СИТЕ ПАТУВАЊА, КУЌАТА-МУЗЕЈ ЌЕ БИДЕ ЛИЦЕ НА НЕГОВИОТ ЖИВОТ И ДЕЛО, ВЕЛИ КОНЗЕРВАТОРКАТА КОВАЧОВСКАЕтнолозите направиле категоризација и инвентаризација на 360 предмети, но на пример, еден сервис со 17 парчиња се води како посебна единица, што значи бројката на предмети за конзервација е многу поголема. (Фото: Л. Ковачовска)

    Мебел, метални предмети, покуќнина од порцелан, стакло, керамика и голем дел на текстилни килими, гардерoба, прекривки од волна кои се во куќата на Лазар Личеноски, еден од основачите на македонската ликовна уметност, се конзервираат во повеќе фази од конзерваторите во Музејот на Македонија. Објектот во подножјето на скопското Кале, кој беше семејна куќа на прочуениот сликар, од 2015 е во државна сопственост како дел од Националната галерија на Македонија (НГМ).

    Куќата е градена од 1961 до 1963, по проект на архитектот Славко Брезовски. Во 2009 куќата е прогласена за значајно културно добро, а во 2017 со владина одлука е прогласена за културно наследство од особено значење.

    „Според мене, бидејќи го обработувам етнолошкиот материјал, таа треба да биде и животот и делото на Личеноски, не само уметничката страна, туку и неговиот живот“, вели Ковачовска. (Фото: СДК.МК)

    Основниот проект за санација на куќата и нејзино адаптирање во Спомен-куќа „Музеј Лазар Личеноски“ е во надлежност на Конзерваторскиот центар Скопје. Преадаптацијата, конзервацијата и ревитализацијата во Спомен-куќата се прават од 2015, при што се завршени повеќе важни фази.

    По репортажите за конзервацијата и реставрацијата на мозаиците во Националната галерија и реставрацијата и конзервацијата на неговите слики во Националниот конзерваторски центар, САКАМДАКАЖАМ.МК за конзервацијата на етнолошкиот материјал разговараше со Лилјана Ковачовска, советничка-конзерватор за дрво и дрвена пластика и раководителка на Централната конзерваторска лабораторија во Музејот на Македонија. Конзервацијата на книжниот фонд ја врши Националната универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“.

    На лице место во куќата се работи на масивните предмети, како на пример на масовна гарнитура во форма на буквата П на вториот спрат, која има седум засебни елементи. (Фото: Л. Ковачовска)

    Првата фаза од конзервацијата на етнолошкиот материјал е почната во 2024 и во таа е работено на 21 предмет, втората фаза е за период 2024-2025, и третата фаза 2025-2026 ќе се води до мај. Во четврата фаза, за која треба следната година да се одобрат пари, ќе се работат поситните материјали, од стакло, керамика, ткаенина.

    Вкупно, етнолозите во 2018/2019 направиле категоризација и инвентаризација на 360 предмети, но на пример, еден сервис со 17 парчиња се води како посебна единица, што значи бројката на предмети за конзервација е многу поголема, вели Ковачовска.

    Дрвото е различно од сликарската техника, а со оглед на тоа дека овие предмети, од кои некои се кабасти, гломазни, и се останати во некоја наталожена прашина, изискуваат доста работа. (Фото: Л. Ковачовска)

    Во Куќата се останати помасивните предмети, а останатите се во депото на музејскиот објект Мала станица. Што ќе се изложи на крај во постојаната поставка, ќе зависи од главниот уредувач на поставката, кој сѐ уште не е избран.

    На лице место во куќата се работи на масивните предмети, како на пример на масовна гарнитура во форма на буквата П на вториот спрат, која има седум засебни елементи. На првиот спрат се дневната и спалната, а на вториот спрат имало работилница и училница. На спратот е и балконот со мозаикот кој гледа кон Вардар.

    Ковачовска вели дека дрвото е различно од сликарската техника, а со оглед на тоа дека овие предмети, од кои некои се кабасти, гломазни, и се останати во некоја наталожена прашина, изискуваат доста работа.

    На елементите кои се рестраврираат директно, каде има пукнатини, скршеници, предметот го шмирглаат, го тонираат, кај тоа што го грундирале, китирале и после го тонираат со темперни бои (Фото: Л. Ковачовска)

    „Дрвото како жива органска материја си работи на секакви променливи услови, топло-ладно, тоа континуирано се шири, се движи, ја менува структурата, текстурата. Подлежно е да се оштетува од разни биолошки причинители, како инсекти. Лесно е подложно на деградација, и од абиотски и од биолошки промени кои му се случуваат. Во тие абиотски ги сметаме прашината, светлината, од хемиски загаден воздух може да настанат деформации од физичко-механичка природа, тоа е пукање на лакови, раслојување на дрвото, загуба на фурнир, такви механички оштетувања кои ние после ги санираме со реконструкција. Од биолошка природа тие се нападнати од разни видови инсекти. Среќа овде нема многу влага, па нема габи“, ни рече Ковачовска.

    Четворица конзерватори за мебел работат во оваа фаза од конзервацијата на етнолошките предмети. (Фото: Музеј на Македонија)

    Уште немаат план, нацрт како ќе изгледа постојаната поставка.

    „Според мене, бидејќи го обработувам етнолошкиот материјал, таа треба да биде и животот и делото на Личеноски, не само уметничката страна, туку и неговиот живот. Има премногу сувенири, патувал во Париз, Виена, Прага, добивал награди и носел сувенири што сметаме дека заслужува да има место во витрините. Ние сега сами мора да си ги бираме предметите и почнавме од материјалите кои се погабаритни и не можевме да ги пренесеме во депото на Мала станица. Амбиентот ќе биде лицето на овој музеј“, вели Ковачовска.

    Во првата фаза, конзервацијата почнува со фазата на чистење. Таа вели дека таа фаза е најдолга и треба најдолго да трае затоа што тие материјали секогаш се со наталожена нечистотија, прав, а тој сам по себе од влага повлекува бактерска флора, има присуство од инсекти, разградување, црвоточина се сипе во внaтрешноста, од работата на ларвите кои се внатре, го јадат дрвото и тоа е очигледно.

    „Кога ќе пристапиме на предметот, околу него има купчиња од црвоточина, од внатрешната активност на инсектите. Прво постапуваме со суво чистење, со суви четки, со големи сликарски четки, за облека, за ткаенина, со меки влакна и секако со правосмукалка за да ги отстраниме сите тие нечистотии. Потоа следи механичко чистење, шмирглање, брусење, употреба на машинки. Применуваме ‘идемол’ за да ги отстраниме нив, нешто хемиски, нешто механички, за да дојдеме до чистата текстура на дрвото што сакаме да ја постигнеме. Потоа делуваме со постапки за заштита од инсектите.  Поставуваме инсектицидни средства кои се  испробани, користиме редовно или на Белинка’ производи ‘белоцид’ или користиме германски препарат на ‘Детија’. Тој инектицид мора да задоволува барем 10 точки кои ги пропишуваат  европските стандарди. Имаме и современ препарат за аноксија што го користиме кај помали предмети. Тоа е аноксидна состојба, ги ставаме предметите во двојни кеси и со помош на машина се вади кислородот. Всушност од воздухот се вади кислородот и остануваат другите хемиски елементи што ги има во воздухот, како јаглерод диокси, моноксид, сулфур, и затоа ја викаме аноксидна, безкислородна. Кога тоа го правиме делуваме на респираторните органи на инсектите за да може тие после еден месец-два да угинат. Но понекогаш, бидејќи тиe имаат многу тврдокорни јајца, ако се во таа фаза, може некои и да останат. Затоа тој процес мора да се следи неколку години и кога сме веќе сигурни дека нема предметот да се разградува“, детално појаснува Ковачовска.

    (Фото: Л. Ковачовска)

    После чистењето и заштитата од инсекти, почнуваат со постапка на мокро чистење со примена на вулпекс сапуни, неутрален сапун, со многу блага сапуница или алохол со дестилирана вода во некој процентуален однос. Ги отперуваат и тие прашини кои останале, потоа го сушат предметот или го оставаат природно неколку дена и после може да се работи на реставрации на пукнатини, замена на фурнири, за да може убаво да се види бојата.

    „На елементите кои се рестраврираат директно, каде има пукнатини, скршеници, предметот го шмиргламе го тонираме, кај тоа што сме го грундирале, китирале, оти китот има и бела боја и после го тонираме со темперни бои. Правиме ретуш да биде скоро приближно иста бојата со предметот и да ја запазиме текстурата на дрвото и на крајот преминуваме со импрегнација, поставување на еден завршен премаз од лак. Една-две раце се нанесува, за да имаат убаво лице и наличје пред јавноста, со висока поликтура како што биле и претходно“, рече Ковачовска.

    Личеноски (26.03.1901, Галичник-10.04.1964, Скопје) се смета за еден од втемелувачите на ликовниот живот во Македонија. Еден е од најавтентичните сликари на македонскиот пејзаж (сликите „Бачила”, „Долап”, „Афионски полиња”, „Охридски рибари”), во кој внесува и фоклорни елементи. Сликал мртва природа и портрети, а создавал и мозаици. Заедно со Димитар Пандилов-Аврамовски и Никола Мартиноски го означува почетокот на современата ликовна уметност во Македонија.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира