Техничките станици и понатаму наплаќаат за промена на сообраќајните дозволи оти до нив уште нема стигнато допис од Министерството за внатрешни работи (МВР). Вработени на техничките станици велат дека не можат да издаваат бесплатни документи оти официјално немаат добиено ништо од МВР.
„Не знаеме како да ја спроведеме постапката и кој ќе ги покрива трошоците. Додека не добиеме официјално известување од МВР не можеме да ги издаваме дозволите бесплтено. Не знаеме дали бесплатни ќе бидат само книшките или сите давачки“, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК вработени на техничките станици.
Вадењето на нова сообраќајна дозвола чини околу 1.100 денари. 200 денари чини сообраќајната книшка, 110 денари таксената марка и од 500 до 800 денари се образците.
На техничките станици денеска нема ниту налепници со НМК. Вчера биле донесени мал број кои се потрошени за само неколку часа, а нова пратка уште нема.
Вчера, на владина седница беше донесена одлука замената на возачките и сообраќајните дозволи од денеска да се врши бесплатно. Но, на прес-конференцијата која ја држеше вицепремиерот за економски прашања Фатмир Бетиќи не беше кажано од кога ќе стартува оваа измена и како ќе се спроведе односно кој и како ќе им ги рефундира парите на станиците за технички преглед.
А. АНТЕВСКА