УТВРДЕНА ДИСКРИМИНАЦИЈА ВРЗ 12.000 ПЕНЗИОНЕРИ КОИ НЕ ГО ДОБИЈА ВТОРОТО ПОКАЧУВАЊЕ ОД 2.500 ДЕНАРИ, УСКРАТУВАЊЕТО ИМ ГО НАПРАВИЛЕ НЕДЕЛА ДЕНА ПРЕД ДА СЕ ДОНЕСАТ ЗАКОНСКИТЕ ИЗМЕНИ

    УТВРДЕНА ДИСКРИМИНАЦИЈА ВРЗ 12.000 ПЕНЗИОНЕРИ КОИ НЕ ГО ДОБИЈА ВТОРОТО ПОКАЧУВАЊЕ ОД 2.500 ДЕНАРИ, УСКРАТУВАЊЕТО ИМ ГО НАПРАВИЛЕ НЕДЕЛА ДЕНА ПРЕД ДА СЕ ДОНЕСАТ ЗАКОНСКИТЕ ИЗМЕНИЕвидентирани се 12.000 пензионери кои се преселиле во Австрија, Германија, Србија, Словенија, Турција, Црна Гора, Косово, БиХ, Австралија, Хрватска и други уште 22 земји, кои не го добија покачувањето. (Фото: СДК.МК)

    По само шест месеци откако пратениците од владејачкото мнозинство избриша 12.000 пензионери од второто покачување на пензиите (првото од 2.500 го добија во 2024 година), оштетените пријавуваат и добиваат случаи во Комисијата за заштита и спречување од дискриминација (КЗСД).

    Комисијата вели: „Овие наши 12.000 сограѓани се дискриминирани“, и на Министерството за социјална политика, демографија и млади, на Владата и на Собранието, им дава рок од 180 дена (6 месеци) да ги сменат членовите од Законот за пензиско и инвалидско осигурување, кои предизвикуваат нееднаков третман на пензионерите кои не живеат во Македонија, а работеле тука и плаќале придонеси.

    Претставките биле поднесени во мај и во јуни, откако парламентарното мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ изгласа измени на Законот и ги исклучи од второто покачување пензионерите кои се иселиле од Македонија. Претходно тие првото линеарно покачување од по 2.500 денари го добија, а од непознати причини, власта одлучи со упад во Законот за пензиско осигурување да вметне одредба „пензиите се исплаќаат на територијата на Република Северна Македонија“ и неоправдано да ги исклучи овие луѓе и да заштеди над 560.000 евра.

    Една од подносител(к)ите работела со години во градинката „8 Март“, а сопругот во Македонскиот народен театар (МНТ). Второ покачување не добил ни македонски пензионер кои се отселил во Литија, Република Словенија.

    Овие наши сограѓани не само што се дискриминирани во однос на второто линеарно покачување од по 2.500 евра, туку и засекогаш, т.е. и со предвидените редовни усогласувања еднаш годишно, секој септември, се наведува во објавената одлука на Комисијата.

    Пратеничката од СДСМ Јована Тренчевска при носење на законските измени предупреди дека со оглед на тоа што Македонија има потпишано билатерални договори со добар дел од државите, можно е да следи реципрочна мерка, нашите државјани кои работеле таму, а дошле тука да живеат во пензионерските денови, да бидат исклучени од редовните покачувања на пензиите во тие земји. (Фото: СДК.МК)

    Чудни се одговорите на Министерството за социјална политика, демографија и млади, Фондот за пензиско осигурување и особено тој на Собранието за сторената дискриминација.

    Министерството вели дека Собранието е законодавен дом и тоа ги носи законите. Фондот за пензиско осигурување исто така кажува дека тие само ги спроведуваат законите што ги носи Собранието и никој друг, а Собранието на Комисијата ѝ одговорило дека секој пратеник сам си одлучува по свое уверување и оти пратениците се бираат на општи и непосредни избори.

    Комисијата заклучува дека пензијата на отселените пензионери во странство станува пониска во однос на пензијата на лице со ист работен стаж и ист основен износ, само поради различното место на исплата. Ова е нееднакво третирање без оправдана цел, заклучува Комисијата за антидискриминација.

    Во април, кога се носеа измените за да се избришат овие 12.000 пензионери од второто линеарно покачување, поранешната министерка за труд и социјала Јована Тренчевска апелираше да се повлечат предложените измени, обвинувајќи дека Владата снемала пари па ги дискриминира луѓето.

    Тренчевска предупреди дека со оглед на тоа што Македонија има потпишано билатерални договори со добар дел од државите, можно е да следи реципрочна мерка, нашите државјани кои работеле таму, а дошле тука да живеат во пензионерските денови, да бидат исклучени од редовните покачувања на пензиите во тие земји.

    Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ѝ рекоа дека била лоша министерка за труд и социјала, ѝ дофрлаа од место: „Ај шетај!“.

    Овие дискриминирани пензионери можат ја да тужат државата, а ние граѓаните да им исплаќаме отштета, и поради базична грешка: Законските измени стапуваат во сила на 8 април 2025, а исплатите на второто покачување почнаа една недела порано, на 1 1април 2025 година.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира