„ГЛЕДАМЕ СО СРЦЕТО И УМОТ, СЛЕПИЛОТО Е СОСТОЈБА НА ДУХОТ“, БРИТАНСКИОТ ПАРАОЛИМПИСКИ ПЛИВАЧ, ЛОРДОТ ХОЛМС ГИ МОТИВИРА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ ВО СКОПЈЕ

    „ГЛЕДАМЕ СО СРЦЕТО И УМОТ, СЛЕПИЛОТО Е СОСТОЈБА НА ДУХОТ“, БРИТАНСКИОТ ПАРАОЛИМПИСКИ ПЛИВАЧ, ЛОРДОТ ХОЛМС ГИ МОТИВИРА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ ВО СКОПЈЕ Лордот Крис Холмс од Ричмонд, голем борец за социјална инклузија, кој на 14 години сосема неочекувано, преку ноќ го изгубил видот, го посети училиштето за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ за да ја почувствува атмосферата и да провери во какви услови учат децата во Македонија (Фото: СДК.МК)

    Еден од најуспешните параолимписки пливачи во светот, Лордот Крис Холмс од Ричмонд, Британија кој е добитник на девет златни, пет сребрени и еден бронзен медал, дојде во Скопје за да ги мотивира лицата со попреченост. Овој голем борец за социјална инклузија, кој на 14 години, сосема неочекувано, преку ноќ го изгубил видот, го посети училиштето за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ за да ја почувствува атмосферата и да провери во какви услови учат децата во Македонија.

    „Кога го изгубив видот, на 14 години, ми рекоа дека не можам пак да одам на училиште. Ми рекоа дека ќе морам во специјално училиште и дека нема да можам да се вратам во клубот каде што пливав. Во тоа време немаше луѓе со попреченост во редовните пливачки клубови. Но, наместо да го прифатам тоа, јас успеав да ги убедам другите во спротивното. Ми помогнаа да зајакнам како индивидуа, да ја вратам вербата во себе и да сфатам како може да се направи вистинска, одржлива промена за лицата со попреченост“, им рече лордот Холмс на децата со оштетен вид.

    „Кога го изгубив видот, на 14 години, ми рекоа дека не можам пак да одам на училиште. Ми рекоа дека ќе морам во специјално училиште и дека нема да можам да се вратам во клубот каде што пливав. Во тоа време немаше луѓе со попреченост во редовните пливачки клубови. Но, наместо да го прифатам тоа, јас успеав да ги убедам другите во спротивното “, им рече лордот Холмс на децата со оштетен вид (Фото: СДК.МК)

    Како момче, Холмс бил надежен спортист во училишните тимови за повеќето спортови. Но откако го изгубил видот тој не се откажал од пливањето. Неговата храброст и решителност го однеле назад во базенот, а само четири години подоцна тој се запишал на Кембриџ. На крајот на својата прва година во Кембриџ, Холмс освоил рекордни шест златни медали на Параолимпијадата во Барселона. Тој соборил 35 светски рекорди во пливање, а на 20 години добил награда за високи достигнување во спортот. Холмс бил член на пливачкиот тим на Велика Британија седумнаесет години и капитенот на тимот пет години.

    „Гледаме со срцето и умот, очите се само алатка, а слепилото е состојба на умот. Верувај во себе и не дозволувај некој друг да те убеди во спротивното. Имај визија и гледај околу тебе да има луѓе кои ќе ти помогнат тоа да стане реалност“, рече Холмс.

    Од 2013, Крис Холмс станува член на Горниот дом на Парламентот на Британија како Лорд Холмс од Ричмонд, фокусирајќи го своето работење на вработување, образование и вештини, медиуми, спорт и дигитални можности за лицата со попреченост.

    Лордот денес е и специјален гостин на форумот „Очи за еднаквост“, што е во организација на Хелсиншкиот комитет за човекови права и Британска амбасада во Македонија.

    „Општество кое сфаќа дека не се сите луѓе исти, кое создава простор и дава поддршка на сите на кои им е потребно и кое не ги крие некои од своите членови, ќе биде посилно општество и со поголема самодоверба“, изјави Чарлс Гарет, амбасадор на Британија во Македонија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира