Државата треба да има стратегија каде ќе се движи македонското земјоделство. Сето тоа треба да биде издржано со соодветна анализа и однапред да се знае кој, колку и што ќе произведува во Македонија. На тој начин може да се планира од една страна и да се детектираат слабите страни, вели Љубица Џониќ од Црничани, Дојранско која над 30 години се занимава со земјоделство, во подкастотот „За секого по нешто“ на САКАМДАКАЖАМ.МК.
Џониќ е една од ретките регистрирани земјоделки во Југоистокот. Сега обработува половина хектар земјоделско земјиште на кое одгледува брокули, артичока, кељ. Нивите морала да ги купи, бидејќи државата не ѝ ги продолжила договорите за закуп на државното земјоделско земјиште. Вели дека земјиштето уште стои празно, а своевремно инвестирала многу во негово расчистување.
„Сакав да го проширам бизнисот, да вработам лица но за жал, договорот не го продолжија. Чекав со години. Една, па друга влада, и се најдов во зона на самракот, за да во 2018 година ни го одзеде правото на владение на државното земјоделско земјиште. Тогаш ми падна ентузијазмот дека може да бидам голем земјоделец. Тоа е болна точка на нашето општество, бидејќи не ти даваат да се развиваш според амбициите. Ќерка ми го виде моето разочарување и одлучи да не се занимава со земјоделство“, вели Џониќ.
Таа вели дека во овој сектор се потребни некорумпирани и стручни лица кои ги познаваат потребите на земјоделците.
„Тоа е процес кој не смее да има прекин. Кај нас еден министер кога ќе дојде почнува реформи, друг доаѓа ги прекинува и започнува нови. Земјоделството треба стриктно да се тргне од политиката и да нема коруптивни лица во овој сектор. Овде треба да се постават стручни и најнекорумпирани луѓе, лица кои нема да подлегнат на притисоци независно дали се во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, платежната или во Агенцијата за потикнување на развојот. Дали ќе е раководител или пак обичен вработен, тие треба да се сервис на земјоделците“, вели Џониќ и додава дека државата мора да ги помага вистинските земјоделци, оние кои сакаат да се развиваат.
Таа апелираше до земјоделците да се организираат и едуцираат, како во поглед на новите технологии за производство така и за потребите на пазарите, бидејќи мора да се планира производството.
В. ТРАЈКОВ