БИДЕТЕ СМИРЕНИ АКО ВИ ИЗЛЕЗЕ ЗМИЈА, НЕМА ДА ВЕ НАПАДНЕ АКО НЕ ЈА НАГАЗИТЕ, ВЕЛАТ ОД МАКЕДОНСКОТО ЕКОЛОШКО ДРУШТВО

    БИДЕТЕ СМИРЕНИ АКО ВИ ИЗЛЕЗЕ ЗМИЈА, НЕМА ДА ВЕ НАПАДНЕ АКО НЕ ЈА НАГАЗИТЕ, ВЕЛАТ ОД МАКЕДОНСКОТО ЕКОЛОШКО ДРУШТВОКај нас живеат 16 вида на змии, од кои единствено три се отровни.(Фото: СДК.МК)

    Граѓаните да бидат смирени ако им се појави змија, велат од Македонското еколошко друштво. Додаваат дека треба да се избегнуваат непосреден контакт со овие животни и покрај тоа што поголемиот број од змиите во Македонија не се опасни.

    Со затоплувањето на времето и растот на вегетацијата се зголемува движењето на змиите, што во одредени случаи може да доведе до нивно инцидентно појавување во урбаните средини. Евентуалните ретки средби со овие животни, можат кај граѓаните да предизвикаат прашања поврзани со нивната безбедност и онаа на нивните миленици. Ги советуваме граѓаните да бидат смирени и внимателни“, велат од Македонското еколошко друштво.

    Кај нас живеат 16 вида на змии, од кои единствено три се отровни. Најраспространет, а со тоа и најопасен, е поскокот, кој е препознатлив по карактеристичното „рокче“ на предниот дел од главата и ромбовидните шари кои се протегаат по грбот. Останатите два вида отровници, шарката и степската лутица, живеат на надморска височина од над 1.500 метри и тоа на определени планини во државата.

    Во случај на каснување од змија, како што велат од Македонското еколошко друштво, граѓаните треба да останат смирени и веднаш да побараат медицинска помош. Ако немаат претходни здравствени проблеми и со навремено укажана медицинска помош, каснувањето би поминало без посериозни компликации по здравјето.

    Во Македонија не постојат змии кои што агресивно можат да нападнат човек во одбрана на територија или гнездо. Напротив, секоја блиска средба или каснување настанува поради недоволно внимание или неносење на соодветна опрема, високи обувки во природа. Змијата секогаш се стреми да избегне средба со човек и најчесто бега или се вкочанува во место. Сѐ што треба да направиме е да ја заобиколиме или да ја оставиме да продолжи по својот пат“, објаснува Драган Арсовски, доктор на биолошки науки специјализиран за змии и други влекачи во Македонското еколошко друштво.

    Тој апелира граѓаните да не се напаѓаат и повредуваат змиите, коишто имаат исклучително големо значење во одржувањето на кревкиот баланс на екосистемот и контролата врз популациите на глодари и други видови змии. Во Македонија не постои сервис за отстранување на овие животни, а граѓаните треба уредно и редовно да ги одржуваат своите дворни површини како превентивна мерка против засолнувањето на змии.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира