ВО МАКЕДОНИЈА ЗА ПРВПАТ СЕ ПРАВИ ПОПИС НА ПЕШТЕРИТЕ СО ПРОЕКТОТ ЗА ЗАШТИТА НА ГАЛИЧИЦА

    ВО МАКЕДОНИЈА ЗА ПРВПАТ СЕ ПРАВИ ПОПИС НА ПЕШТЕРИТЕ СО ПРОЕКТОТ ЗА ЗАШТИТА НА ГАЛИЧИЦАСтручни лица ќе спроведуваат спелеолошки, биоспелеолошки, петрографски и микроклиматски испитувања во пештерите, а се работи и на утврдување на состојбата на пештерските екосистеми и на влијанието на климатските промени врз пештерите. (Фото: СДК.МК)

    Во тек се научни истражувања во пештерите во Националниот парк Галичица, во рамките на проектот „Заштита на пештерските екосистеми и загрозените растителни и животински видови во Националниот парк Галичица од негативните ефекти на климатските промени“. Стручни лица ќе спроведуваат спелеолошки, биоспелеолошки, петрографски и микроклиматски испитувања во пештерите, а се работи и на утврдување на состојбата на пештерските екосистеми и на влијанието на климатските промени врз пештерите.

    Проектот кој ќе се реализира во наредните три години е поддржан од Фондот за природа Преспа-Охрид (ПОНТ) а се спроведува од Истражувачко друштво „Урсус Спелеос” и Црвен крст Охрид.

    Како дел од проектните активности се научното истражување на пештерите Самотска Дупка и Лескоечка за биодиверзитет, геодиверзитет и климатски фактори, инвентаризирање на сите пештери на територијата на Националниот парк, научно истражување на загрозениот биодиверзитет на заштитеното подрачје во Охридската и Преспанската Котлина преку мапирање, фотографирање, евидентирање на загрозени и ендемични видови, подготвка на видео-материјал за превенција на влијанието на климатските промени врз пештерските екосистеми и загрозените растителни и животински видови во Националниот парк како и мерки за намалување на ризиците од природни катастрофи предизвикани од климатските промени. Исто така се предвидени и обуки за заштита при шумски пожари.

    „Досега имаме спроведено две теренски истражувања а во текот на целата година ни се планирани спелеолошки истражувања. Предвидено е четирисезонско истражување на пештерите Самотска Дупка и Лескоечка пештера и инвентаризација на пештерите на Галичица која се прави за првпат во Македонија и ќе биде основа, урнек како треба да изгледа националната база. Четирисезонското истражување на пештерите подразбира петрографски анализи на карпест материјал, спелеолошки карактеристики и био- спелеолошки карактеристики“, вели Билјана Гичевски од „Урсус Спелеос”

    „Четирисезонското истражување на пештерите подразбира петрографски анализи на карпест материјал, спелеолошки карактеристики и био- спелеолошки карактеристики“, вели Билјана Гичевски од „Урсус Спелеос”. (Фото: СДК.МК)

    Во рамките на проектот поставена е заштитна врата на влезот на Лескоечка Пештера, со што се заштитени пештерските канали, лилјаците и останатата пештерска фауна.

    „Овозможен е прелет на лилјаците од пештерата и надвор во средината, а од друга страна пештерата е заштитена од несакани и несовесни посетители“, вели Гичевски.

    Од Националниот парк Галичица, велат дека целта на проектот е јакнење на капацитетите на установата и подигнување на свеста на локалното население за адаптација кон климатските промени и за заштита на загрозените растителни и животински видови и пештерските екосистеми.

    „Проектните активностите ќе бидат од значење не само за Националниот парк Галичица, локалното население и невладините организации (преку унапредување на нивните капацитети), туку и за поширокото образование базирано на мрежата од организации и образовни институции. Сите проектни активностите се утврдени согласно Планот за управување со Националниот парк Галичица и Стратегијата за еколошка едукација и ќе станат дел од нив“, велат од Галичица.

    Проектот кој ќе се реализира во наредните три години е поддржан од Фондот за природа Преспа-Охрид (ПОНТ) а се спроведува од Истражувачко друштво „Урсус Спелеос” и Црвен крст Охрид. (Фото: СДК.МК)

    Во просториите на оваа јавна установа во Охрид отворена е и лабораторија, наменета за надополнување на активностите во полето на еколошка едукација и на работата на Националниот парк во редовните мониторинг активности. Лабораторијата е опремена со соодветна опрема како што се: микроскоп, флакони, епрувети, епендорфи, пинцети, мензури, стаклени чашки, петриевки и слично.

    С. ВРЕНЦОВСКА

     

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира