ОПШТИНА ВАЛАНДОВО ЌЕ РАСПРАВА ЗА РУДНИКОТ КАЗАНДОЛ, НО НЕ И ЗА БАРАЊЕТО ЗА РЕФЕРЕНДУМ

    ОПШТИНА ВАЛАНДОВО ЌЕ РАСПРАВА ЗА РУДНИКОТ КАЗАНДОЛ, НО НЕ И ЗА БАРАЊЕТО ЗА РЕФЕРЕНДУМРудникот за катоден бакар Казандол се гради на километар од градот, а граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“, бара да се стопира изградбата и жителите да се изјаснат на референдум. (Фото: СДК.МК)

    Советот на општина Валандово за в четврток закажал седница, на која ќе се зборува за рудникот за катоден бакар во месноста Казандол, но не и за барањето на граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“ да се распише референдум на кој граѓаните ќе кажат дали сакаат на еден километар од градот да има рудник.

    Членовите на иницијативата велат дека на седницата закажана в четврток, поканет е само инвеститорот, а таа е затворена за јавноста.
    „Според нашите информации, јавноста е исклучена од седницата закажана в четврток, на која не е ставено како точка на дневен ред нашето барање да се донесе одлука за распишување референдум. На седницата ќе се зборува за тоа колку е значајно да има рудник во овој регион и дека еколошки ќе биде заштитен, но не и за нашето барање. Не ни е јасно зошто воопшто закажуваат седница со ваква точка на дневен ред“, велат од „Спас за Валандово“.

    Активистите против отворање на рудникот во Казандол велат дека писмено побарале од Советот на Валандово јавна седница со присуство на граѓаните на која единствена точка на дневен ред ќе биде распишување на референдум.
    „Преку референдум треба да им се овозможи на луѓето да го кажат своето мислење за отворањето на рудникот за експлоатација на злато, сребро и бакар. Ќе го радикализираме отпорот, ако ниту едно од овие наши барања не се исполни“, велат од иницијативата “Спас за Валандово.

    Активистите не откриваат како ќе го радикализираат отпорт, и додаваат дека за тоа дополнително ќе ја информираат јавноста. Потсетуваат дека ги посетиле сите советници од Советот на општината, за да обезбедат поддршка за распишување референдум.

    „Неопходно е граѓаните да го кажат своето мислење, и да го дадат својот глас, за или против отворање на рудник или каков било вид на тешка индустрија во општината. Сведоци сме колку погрешните политики можат да бидат штетни за населението, особено по малите места. Според нас отворањето рударски комплекс ќе биде погубно за иднината на Валандово. Референдумското прашање за или против рударски комплекс, според нас е прашање да се биде или не за Валандово“, велат членовите на иницијативата.

    Градоначалникот на Валандово Николче Чурилиновски денеска не одговараше на телефон, а претседавачот на Советот на Општина Валандово Јасмина Сечкова одби да одговори зошто не е ставено на дневен ред барањето на граќанските активисти за распишување референдум дали да граѓаните се за или против рудник во Казандол.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира