Француски истражувачи утврдиле дека дури и благи случаи на коронавирус, кои не бараат болнички третман, создаваат антитела кај речиси сите пациенти. Резултатите од истражувањето предводено од институтот „Пастер“ ги зголемува надежите дека секој кој го прележал коронавирусот развива одреден степен на имунитет.
Во истражувањето биле испитани примероци од повеќе од 160 вработени во клиничката болница во Стразбур кои биле заразени со коронавирус во почетокот на март, од кои 80% биле благи случаи.
Тестирањето покажало дека 99,4% од учесниците во испитувањето имале развиено антитела: исклучокот бил еден 58-годишен маж. Како што испитаниците заздравувале, така и антителата биле поефикасни во борбата со вирусот.
„Неутрализирачката активност е присутна доста покасно од појавата на антителата и тоа е охрабрувачко. Оваа активност се зголемува со тек на време, достигнувајќи до 97% четири недели по појавата на симптомите. Може да се каже дека мнозинството поединци со блага форма на коронавирус создаваат неутрализирачки антитела еден месец од појавата на симптомите“, изјави Оливје Шварц, шефот на одделот за заразни болести и имунологија во „Пастер“.