„Ју Ту“ никогаш не свиреле во Литванија, но Боно Вокс пронашол друг интерес во оваа балтичка земја.
Пејачот на најпопуларната ирска група користел компанија со седиште на Малта за да купи акции на трговски центар во еден мал град во североисточна Литванија, се дознава од протечените „Рајски документи“.
Тој бил инвеститор во малтешката компанија „Нуд истејтс“, која го купила трговскиот центар „Аушра“ за 5,8 милиони евра, непосредно по неговото отворање во 2007 година. „Нуд истејтс“ потоа се врзал со една литванска компанија, за да преземат контрола врз имот во градот Утена.
„Боно беше пасивен, малцински инвеститор во ‘Нуд истејтс‘, компанија која беше легално регистрирана на Малта. Истото се однесува и на компанијата, што се поврзува со комплексот трговски центри“, изјави портпаролката на Боно.
Документите откриваат и дека поп-ѕвездата Мадона имала удел во компанија за снабдување со медицински материјали.