Бизнисите и домаќинствата низ Велика Британија предупредуваат дека нема да ја издржат зимата без помошта од владата. Тоа ќе претставува огромен предизвик за новиот британски премиер, чие име утре ќе биде објавено.
Гласањето за нов лидер на Конзервативната партија е завршено, со што е ставен крај на осумнеделната битка за наследник на Борис Џонсон, а во конкуренција останаа министерката за надворешни работи Лиз Трас и бившиот министер за финансии Риши Сунак.
Кралицата Елизабета Втора во вторник ќе го прими Џонсон во својата резиденција во Белморал, кога тој и официјално ќе ја приложи оставката објавена уште во јуни.
Четириесет и седумгодишната Трас, на која ѝ се даваат поголеми шанси да биде иден премиер, најави дека ќе преземе итна акција за да им се помогне на Британците со нивните сè поголеми сметки, но не изнесе детали како би го направила тоа. Таа додаде дека нема да се откаже од идејата за намалување на даноците.
Ситуацијата во Британија би можела да биде полоша пред да стане подобра. Банката на Англија предвидува пораст на инфлацијата до 13%, а според други, поцрни прогнози, таа би можела да скокне и до 18%, ако цените на природниот гас останат високи како сега. Затоа јавноста ги повикува Трас и Сунак веднаш да почнат со драматични интервенции откако еден од нив ќе стане четвртиот конзервативен премиер за една деценија.