Двајца руски државјани се именувани како осомничени за обидот за убиство на поранешниот шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија, користејќи нервен гас.
Александер Петров и Руслан Боширов се сметаат за офицери на руската разузнавачка служба, кажа британската премиерка Тереза Меј. Скотланд јард имал доволно докази за да покрене обвинение против нив.
Скрипал (66) и неговата 33-годишна ќерка се отруени со нервниот гас новичок во март годинава во Салисбури, но го преживеаја нападот. Во нападот беше повреден и еден полицаец.
„Врз основа на податоците добиени од британските агенции, владата заклучи дека двајцата мажи биле дел од руската разузнавачка служба ГРУ. Труењето не била случајна операција, туку таа речиси сигурно била одобрена од високите нивоа на руската држава“, кажа Меј.
Двајцата осомничени, за кои се верува дека користеле лажен идентитет, патувале со руски пасоши и се на околу 40-годишна возраст. Русија и Велика Британија немаат потпишано договор за екстрадиција и тие можат да бидат уапсени само доколку патуваат во земјите од Европската Унија.