Руското министерство за одбрана негираше дека неговите авиони го нарушиле естонскиот воздушен простор, тврдејќи дека тие летале над неутралните балтички води, повеќе од три километри од островот Ваиндло, кој ѝ припаѓа на Естонија.
Талин побара консултации со членките на НАТО откако вчера ја обвини Русија дека три борбени авиони „миг-31“ влегле во естонскиот воздушен простор без дозвола и таму останале вкупно 12 минути. Портпаролка на НАТО кажа дека алијансата одговорила моментално и ги пресретнала авионите, при што Италија, Финска и Шведска испратиле авиони во рамките на мисијата за зајакнување на источното крило на НАТО.
Ова е вторпат во последните десет дена една членка на НАТО да побара активирање на Член 4, кој овозможува итни консултации меѓу 32-те членки на алијансата. Полска го направи тоа откако руски дронови упаднаа во нејзиниот воздушен простор минатата недела, од кои четири беа соборени.
„Упадот во естонскиот воздушен простор е сериозен. Русија веќе некое време се обидува да го тестира НАТО. Ние веруваме дека Русија сака да им испрати сигнал на членките на НАТО да се фокусираат на колективната одбрана, место да ѝ помагаат на Украина“, изјави естонскиот амбасадор во САД, Кристјан Прик.
Доналд Трамп кажа дека не му се допаѓа ова што се случи.
„Не ми се допаѓа. Може да биде голем проблем“, рече тој.
Естонскиот министер за надворешни работи Маргус Цахна изјави дека рускиот упад е чиста провокација и ги повика членките на НАТО да покажат единство во нивниот одговор.
„Дванаесетминутно нарушување, тешко нарушување на воздушниот простор на НАТО бара солиден одговор на политичко, како и на практично ниво“, рече Цахна.
Естонија соопшти дека авионите влегле во нејзиниот воздушен простор од североисток и биле пресретнати од фински авиони над Финскиот Залив, а потоа биле активирани и италијанските авиони „Ф-35“ со седиште во Естонија. Владата соопшти дека руските авиони немале план за лет, им биле исклучени транспондерите и немале двонасочна радиокомуникација со естонската контрола на воздушниот сообраќај.