Европската Унија ѝ понуди гас на отцепената молдавска област Транснистрија и ја повика да престане да одбива алтернативни извори на енергија откако Русија го прекина протокот на гас низ Украина на 1 јануари. Стотици илјади жители на овој проруски регион се без парно греење и топла вода откако рускиот енергетски гигант „Газпром“ престана да испорачува гас кон Европа по истекот на петгодишниот договор помеѓу Русија и Украина.
„Разбравме дека молдавската влада ѝ понудила гас и хуманитарна помош на Транснистрија, но била одбиена. Ја охрабруваме Транснистрија да соработува со Кишињев за да се надмине оваа ситуација во интерес на локалното население“, изјави портпаролката на Европската комисија Анита Хипер.
Молдавскиот премиер Дорин Рачеан го обвини Кремљ дека се обидува да предизвика безбедносна и хуманитарна криза во Транснистрија и да ја дестабилизира проевропската влада на Молдавија.
„Локалните власти воведоа и редукции на струјата. Луѓето немаат струја четири часа на ден, немаат греење и пристап до гас. Од денеска има прекини и во водоснабдувањето“, изјави Речеан.
За разлика од Транснистрија, Молдавија е помалку погодена од прекинот на испораките на рускиот гас, од кој престана да биде зависна во 2022.
Транснистрија функционира како автономна територија од кратката војна со Молдавија во почетокот на 1990-тите и таму се стационирани околу 1.500 руски војници во улога на мировници.