Директорот на ФБИ Каш Пател изјави дека федералните агенти уапсиле судијка од Висконсин зашто попречувала операција поврзана со мигранти. Во објава на Икс, Пател напиша дека има докази дека таа попречувала агенти во апсењето на мигрант минатата недела.
Судијката Хана Дуган била уапсена утрово додека била во својата судница, кажаа властите.
„Хана Дуган намерно погрешно ги насочила федералните агенти подалеку од маж кого се обидувале да го приведат во нејзиниот суд. За среќа, нашите агенти успеаја да го фатат и тој оттогаш е во притвор, но опструкцијата од судијката ја зголеми опасноста за јавноста“, кажа Пател.
Апсењето доаѓа во периодот кога се засилува спорот помеѓу администрацијата на Трамп и судството околу имиграциските политики на Белата куќа. Министерството за правда претходно најави дека ќе преземе остри мерки против локалните функционери кои ги попречуваат федералните напори против имиграцијата.