ФИРМА ОД БУДИМПЕШТА ГИ ПРОИЗВЕЛА ПЕЈЏЕРИТЕ ШТО ЕКСПЛОДИРАА ВО ЛИБАН И СИРИЈА

    ФИРМА ОД БУДИМПЕШТА ГИ ПРОИЗВЕЛА ПЕЈЏЕРИТЕ ШТО ЕКСПЛОДИРАА ВО ЛИБАН И СИРИЈАНајголем број од експлозиите се случиле во областите каде што има силно присуство на Хезболах (Фото: АП)

    Компанија со седиште во Будимпешта ги произвела пејџерите на Хезболах кои вчера симултано експлодираа во Либан, при што загинаа најмалку деветмина луѓе, а речиси 3.000 се ранети. Иако пејџерите се бренд на тајванската компанија „Голд Аполо“, оттаму кажаа дека тие ја овластиле унгарската фирма „БАЦ“ да ги произведува. Меѓу загинатите е и осумгодишно девојче.

    Хезболах и либанската влада го обвинија Израел за она што изгледа како софистициран напад од далечина.

    „Пејџерите ‘АР-924’ ги произведува ‘БАЦ консалтинг КФТ‘ со седиште во Будимпешта. Согласно договорот за соработка, ние ѝ дозволивме на ‘БАЦ‘ да го користи нашиот бренд за продажба на производи во одредени региони. Дизајнот и производството на производите се целосно одговорност на ‘БАЦ‘“, соопшти „Голд Аполо“.

    Вчера околу 15:30 часот по локално време, додека луѓето биле во продавници, кафулиња или во своите возила, пејџерите во нивните раце или џебови почнале да се загреваат, по што експлодирале. Многумина од погодените биле членови на Хезболах, кој во почетокот на оваа година ги замени мобилните телефони со пејџерите како средство за комуникација, за да не можат да бидат следени од Израел.

    Израелската шпионска агенција Мосад поставила експлозив во 5.000 пејџери што Хезболах ги увезол неколку месеци пред вчерашните детонации, изјави извор од либанската безбедносна служба и оваа операција е досега невиден безбедносен пробив за милитантната група. Неколку извори кажаа дека операцијата веројатно била планирана со месеци, додавајќи дека уредите биле модифицирани од Мосад уште за време на производството.

    Најголем број од експлозиите се случиле во областите каде што има силно присуство на Хезболах, како јужни предградија на Бејрут и источен Либан. Експлозии се регистрирани и во Сирија.

    „Мосад вклучил експлозивен материјал во внатрешноста на уредот кој реагира на шифра. Многу е тешко да се открие на кој било начин, дури и со кој било уред или скенер. 3.000 пејџери експлодирале кога им била испратена шифрирана порака“, кажа извор од либанската безбедносна служба.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира