За првпат е потврдено дека има глад во градот Газа и неговата околина, вели тело за безбедност на храната поддржано од Обединетоте нации (ОН). Од ОН велат дека повеќе од 500.000 луѓе во Појасот Газа се соочуваат со „глад, сиромаштија и смрт“, а „катастрофалните услови“ се предвидува да се прошират во Деир ал-Балах и Кан Јунис следниот месец.
Четири од телата на ОН – ФАО, УНИЦЕФ, СПП и СЗО – го повторија својот повик за итен прекин на огнот во Газа и за „непречен хуманитарен пристап за намалување на смртните случаи од глад и неухранетост“. Во нивната заедничка изјава, телата на ОН велат дека неухранетоста кај децата во Газа се забрзува со катастрофално темпо и во јули повеќе од 12.000 деца беа идентификувани како акутно неухранети.
„Речиси едно од четири од овие деца страдаше од тешка акутна неухранетост, најсмртоносната форма со краткорочни и долгорочни последици“, велат тие.
Министерството за надворешни работи на Израел го отфрла извештајот, велејќи дека „нема глад во Газа“.
Во својот извештај, ОН вклучи прогноза за тоа што очекува да се случи во Појасот Газа во текот на следниот месец. Се забележува дека се очекува да се зголеми преваленцата на болести, „вклучувајќи акутни респираторни заболувања – предизвикани од сезонска зависност, неухранетост и пренатрупани услови за живот – како и акутна водена дијареја, крвава дијареја, мали сипаници и детска парализа“.
Тие прогнозираат дека помеѓу 16 август и 30 септември ќе има „скромно подобрување во хуманитарниот пристап“, но напорите ќе „останат попречени“ поради големи толпи кои бараат храна и основни залихи, „напади врз магацини, наредби за евакуација и недостиг на гориво“. Хуманитарната помош доставена по копно или преку воздух „ќе остане недоволна за да ги задоволи катастрофалните и растечките потреби на населението“. Главниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, вели дека кризата е „катастрофа предизвикана од човекот“, повикувајќи на неограничен хуманитарен пристап до Газа.
Ова следи откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека неговиот кабинет одобрил планови за нов напад врз градот Газа. Израелските одбранбени сили велат дека им кажале на лекарите и хуманитарните работници да почнат да прават подготовки за евакуација пред нивната проширена офанзива.
Израел не дозволува меѓународни новински организации, вклучително и Би-Би-Си, да влезат во Газа за слободно да известуваат.