ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА НАГАСАКИ ПРЕДУПРЕДИ ДЕКА СВЕТОТ СЕ ДВИЖИ КОН НУКЛЕАРНА ВОЈНА НА 80-ГОДИШНИНАТА ОД ФРЛАЊЕТО НА АТОМСКАТА БОМБА

    ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА НАГАСАКИ ПРЕДУПРЕДИ ДЕКА СВЕТОТ СЕ ДВИЖИ КОН НУКЛЕАРНА ВОЈНА НА 80-ГОДИШНИНАТА ОД ФРЛАЊЕТО НА АТОМСКАТА БОМБАПаркот на мирот во Нагасаки на одбележувањето на 80-годишнината од нападот со атомска бомба. (Фото: Кјодо)

    Градоначалникот на Нагасаки, Широ Сузуки, упати апел за прекин на војните што беснеат низ светот, по повод одбележувањето на 80-годишнината од американскиот атомски напад кој го уништи јапонскиот град.

    „Конфликтите ширум светот се интензивираат во еден маѓепсан круг на конфронтации и поделби. Ако продолжиме по оваа патека, ќе се втурнеме во нуклеарна војна“, изјави Сузуки во својата Мировна декларација на свечената церемонија.

    Нападот на 9 август 1945 година, кој според аналитичарите го забрза крајот на Втората светска војна, усмрти околу 74.000 луѓе. Во годините што следеа, многу од преживеаните страдаа од леукемија или други тешки последици од радијацијата.

    Денешната церемонија се случува неколку дена по комеморацијата на првиот нуклеарен напад, кој пред 80 години, на 6 август, го погоди градот Хирошима и однесе околу 140.000 животи. Бомбата фрлена врз Нагасаки беше поголема и помоќна, уништувајќи цели населби за неколку секунди.

    Комеморацијата во обновениот град започна со едноминутно молчење. Камбаните на катедралата во Нагасаки заѕвонија сложно за првпат по нападот, како порака за мир до светот.

    Како дел од церемонијата, беа принесени и подароци со вода, симболичен гест во спомен на жртвите кои пред 80 години, со изгореници на кожата, молеле за вода. Учесници од различни генерации, вклучувајќи и претставник на преживеаните, понудија вода во знак на почит кон загинатите.

    „На 9 август 1945 година, врз овој град беше фрлена атомска бомба“, рече Сузуки. „Сега, 80 години подоцна, кој можеше да замисли дека нашиот свет ќе стане ваков? Веднаш прекинете ги конфликтите во кои ‘на сила се одговара со сила’“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира