Грчки турист загина откако лавина погоди група скијачи и сноубордери во бугарскиот зимски центар Боровец на северните падини на планината Рила. Се проценува дека лавината имала должина од 150 метри и широчина од 30 метри.
Повеќе од 25 спасувачи и четири кучиња трагачи беа распоредени во областа во обид да се пронајде едно исчезнато лице, кое подоцна беше пронајдено мртво.
„Тој е пронајден закопан во снегот. Немало шанси да се спаси“, изјави Ангел Керкелев, шефот на спасувачката служба во Боровец.
Поради овој инцидент, Бугарската служба за спасување на планина издаде предупредување до жителите и туристите да ги избегнуваат северната, североисточната и источната страна на Рила во зимскиот центар Боровец.
Точниот број грчки туристи кои биле погодени од лавината не е познат, но се верува дека биле присутни најмалку четворица, од кои тројца сноубордери и еден скијач, кој не успеал да се спаси. Нема други исчезнати.