Огромен сајбер напад за којшто се искористени алатки украдени од американската Агенција за национална безбедност (НСА) погоди многу организации низ целиот свет. Компанијата „Аваст“, позната по истоимениот антивирус, вели дека видела 75.000 случаи на рансомверот наречен „вонакрај“ и варијанти на тоа име ширум светот. Има извештаи за заразени компјутери во 99 земји, вклучувајќи ги Русија и Кина.
Една од најтешко погодените организации е Националниот здравствен систем (НХС) во Англија и Шкотска. Според „Би-Би-Си“, 40 организации на НХС и неколку болници се погодени, а беа откажани операции и прегледи. Нападот почна во петокот и медицинскиот персонал во Британија гледал како компјутерите се заразуваат „еден по еден“. Персоналот на НХС споделуваше скриншоти од програмата „вонакрај“, која бара уплата на 300 долари во виртуелната валута биткоин за да ги отклучи податоците на секој компјутер.
Според некои извештаи, во Русија има најмногу заразени компјутери. Домашни банки, министерствата за внатрешни работи и здравство, државната железница и вториот најголен мобилен оператор се погодени од нападот. Руското МВР соопшто дека најмалку 1.000 од нивните компјутери биле заразени, но брзо се справиле со вирусот и не биле компромитирани чувствителни податоци. Во Шпанија, извесен број големи компании, вклучувајќи го телекомуникацискиот гигант „Телефоника“, енергетската компанија „Ибердрола“ и компанија за гас, биле погодени, а на вработените им било кажано да ги исклучат компјутерите.
На социјалните мрежи, корисници споделуваа фотографии од заразени компјутери, вклучувајќи автомат за карти на германската железница и лабораториски компјутер во Италија. Францускиот автопроизводител Рено, португалскиот Телеком, американската поштенска компанија Федекс и шведските локални власти, исто така, беа погодени.
Кога компјутерот ќе биде инфициран од рансомвер, вирусот ги пронаѓа сите податоци, ги шифрира со клуч што му е познат само на хакерот и остава порака. Ако сакате да ги отклучите, треба да платите, во спротивно, податоците ќе бидат засекогаш загубени.
Најчесто, пораката е со инструкции како да платите за да си ги вратите податоците. Најголем дел од напаѓачите бараат 300 до 500 долари, но цената се зголемува како поминува времето.