„Е.л.ф. бјути“ го купи брендот за нега на кожа „Род“ на Хејли Бибер во договор од 1 милијарда долари, соопштија компаниите. Бибер (28), модел и сопруга на пејачот Џастин Бибер, ќе биде главна креативна директорка и шефица за иновации на „Род“, а и стратешки советник на комбинираните компании. Таа го лансираше „Род“, што е нејзиното средно име, како линија за нега на кожа во јуни 2022 и оттогаш го прошири брендот со руменила, обоени балсами за усни и моливчиња за усни.
„Роуд“ на Бибер имаше нето продажба од 212 милиони долари во 12-те месеци кои завршија на 31 март. Производите на компанијата се достапни само онлајн, но до крајот на оваа година се планира партнерство за родажба во продавниците на „Сефора“ во Северна Америка и Велика Британија.
Брендот е популарен кај младите потрошувачи и другите љубители на свежото лице и лежерна естетика на Бибер, која се појави како алтернатива на ултра-глам, изгледот со јака шминка популаризиран од Ким Кардашијан пред една деценија.
Според условите на договорот, „Е.л.ф.“ ќе го купи „Род“ за 600 милиони долари во готовина и 200 милиони долари новоиздадени акции на „Е.л.ф.“. Договорот вклучува и потенцијална исплата од 200 милиони долари врз основа на идниот раст на брендот во текот на три години. „Е.л.ф.“, кратенка за „очи, усни и лице“ (eyes, lips and face), стартуваше во 2004 како прифатлива марка за шминка чии производи првично се продаваа само преку Интернет. Се прошири во продавниците за малопродажба како „Таргет“ и порасна во чекор со трендовите на социјалните мрежи нагласувајќи ги поевтините верзии на производи од високата класа.
Компанијата, со седиште во Оукленд, Калифорнија, во вчера објави дека нето глобалната продажба се зголемила за 28% до 1,3 милијарди долари во текот на нејзината фискална година која заврши во март.