Британската влада предложи нов закон според кој технолошките платформи ќе бидат обврзани да ги отстранат интимните слики споделени без согласност во рок од 48 часа. Со овие измени, справувањето со злоупотребата на интимни фотографии се изедначува по сериозност со материјалите со сексуална злоупотреба на деца и терористичките содржини.
Доколку компаниите не ги почитуваат новите правила, се соочуваат со казни до 10 отсто од нивниот глобален промет или со целосно блокирање на нивните услуги на територијата на Обединетото Кралство. Премиерот Кир Стармер изјави дека ова е дел од континуираната битка со провајдерите на платформи за заштита на жртвите.
Предлогот, кој е поднесен како амандман на Законот за криминал и полиција, предвидува жртвите да ја пријават спорната содржина само еднаш, наместо да контактираат со секоја платформа поединечно. Откако сликите ќе бидат отстранети, компаниите ќе имаат обврска да го блокираат нивното повторно објавување.
Според планот, интернет провајдерите ќе добијат насоки како да го блокираат пристапот до веб-страници што хостираат нелегална содржина, а кои моментално се надвор од дофатот на постојниот Закон за безбедност на интернет.
Истражувањата покажуваат дека жените, девојчињата и ЛГБТ лицата се несразмерно повеќе погодени од овој вид злоупотреба. Извештај на владата од јули 2025 година открива дека младите мажи и момчиња најчесто се мета на финансиска сексуална изнуда, позната како „сексторзија“, каде од жртвите се бараат пари за нивните интимни фотографии да не бидат објавени. Парламентарен извештај од мај 2025 година забележа пораст на ваквите пријави за речиси 21 отсто во текот на 2024 година.
Премиерот Стармер појасни дека технолошките компании веќе имаат слични механизми за справување со терористички материјали, што значи дека технички е изводливо истото да се примени и за заштита на приватноста. Тој додаде дека спроведувањето на законот ќе се врши преку надзорни тела и парични казни, но не предвидува затворски казни за раководителите на компаниите.
Министерката за технологија Лиз Кендал изјави дека заврши времето кога технолошките фирми имаа „слободен премин“ и дека ниту една жена не треба со денови да чека за отстранување на навредлива содржина.
Оваа иницијатива доаѓа по конфликтот на владата со платформата Икс во јануари, кога алатката за вештачка интелигенција „Грок“ беше искористена за генерирање експлицитни слики од реални жени, по што таа функција беше повлечена за корисниците.



