ЈАПОНИЈА ПАК СЕ ВРТИ КОН НУКЛЕАРНАТА ЕНЕРГИЈА 11 ГОДИНИ ПО КАТАСТРОФАТА ВО ФУКУШИМА

    ЈАПОНИЈА ПАК СЕ ВРТИ КОН НУКЛЕАРНАТА ЕНЕРГИЈА 11 ГОДИНИ ПО КАТАСТРОФАТА ВО ФУКУШИМАЕден од стопените реактори во Фукушима. (Фото: Грег Веб/ИАЕА)

    Јапонија ја разгледува можноста да гради нуклеарни реактори од следната генерација и да ги рестартира реакторите во мирување, што е огромна промена во јапонската политика, 11 години по хаваријата во нуклеарната централа Фукушима Даичи.

    Премиерот Фумио Кишида кажа дека дал инструкции на владина комисија да разгледа како Јапонија може да ги искористи нуклеарните реактори од следната генерација опремени со нови безбедносни механизми да ја постигне целта да стане јаглеродно неутрална до 2050 година. Комисијата за „зелена трансформација“ треба да му одговори на премиерот до крајот на годината.

    Ваквата промена, кој вклучува и продолжување на животниот век на постоечките реактори, ја нагласува борбата на Јапонија да обезбеди стабилно снабдување со енергија како резултат на војната во Украина и растечките цени на енергенсите. Неколку јапонски влади досега беа принудени да ја намалат зависноста од нуклеарна енергија по катастрофата во март 2011 година, кога силно цунами предизвика топење на три од шесте реактори во Фукушима Даичи.

    Повеќето од јапонските нуклеарни реактори беа ставени во мирување оттогаш, а претходните влади велеа дека нема да градат нови реактори за да ги заменат постоечките, поради притисок од јавноста.

    „Руската инвазија на Украина драматично ја трансформираше енергетската слика во светот. Јапонија мора да ги има предвид кризните сценарија“, кажа јапонскиот премиер.

    Министерот за економија и индустрија Јасутоши Нишимура кажа дека е екстремно важно да се осигураат сите опции за да се обезбеди стабилна енергија во земјата.

    „Од таа перспектива, ние исто така ги разгледуваме сите опции, вклучувајќи ја и нуклеарната енергија“, вели министерот.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира