Повеќе од 1.000 луѓе се повредени, вклучувајќи припадници на Хезболах, откако денеска низ Либан експлодираа пеjџери што ги користеле за комуницирање. Официјално лице од Хезболах кажа дека детонациите на пејџерите се најголемиот безбедносен пробив со кој оваа група се соочила од почетокот на војната со Израел пред речиси една година.
Израел и Хезболах, кој е поддржан од Иран, постојано разменуваат оган преку границата откако почна војната во Газа.
Израелската војска досега не сакаше да коментира ништо за детонациите во Либан. Новинар на „Ројтерс“ кажа дека амбулантни возила итаат низ јужните предградија на Бејрут, кои се упоришта на Хезболах, додека наоколу владее паника, а во локалната болница се примаат луѓе со раскрвавени раце. Извор од безбедносните служби изјави дека експлозиите се случиле и на југот на Либан.
Директорот на државната болница „Набетие“ изјави дека примиле десетици пациенти со повреди на лицето, рацете и нозете.
Бранот на експлозии траел околу еден час. Нејасно е како уредите биле детонирани.