Деца и возрасни беа снимени како се играат на флуоросцентно розеви лулашки поставени на мексиканско-американската граница. Станува збор за инсталација на двајца професори од САД, кои со тоа сакаа да донесат единство помеѓу поделените страни.
Инсталирана долж челичната ограда во близина на градовите Ел Пасо во Тексас и Сиудад Хуарес во Мексико, лулашката е дело на Роналд Раел, професор по архитектура на Универзитетот Калифорнија во Беркли и на Вирџинија Сан Фратело, професорка по дизајн на државниот универзитет во Сан Диего, кои првпат дошле на идеја за ваков концепт пред две години.
„Лулашката буквално претставува столб кој ги држи заедно двете земји. Настанот донесе радост, заедништво и возбуда на граничниот ѕид. Ова, исто така, покажува дека акциите што се прават на една страна имаат директни последици по другата страна“, изјави Раел.
Откако стана претседател, Доналд Трамп се обидува да изгради ѕид долж границата, за што деновиве Врховниот суд му одобри 2,5 милијарди долари.